ВМРО-ДПМНЕ: Снемува вакцини, Заев и Филипче досега обезбедија само 3.000

„Снемува вакцини, а Заев и Филипче сѐ уште се неспособни да набават нови за да продолжи имунизацијата во Македонија. Од досега пристигнатите, Заев и Филипче набавија само 3.000 вакцини. Да не беа донациите немаше ниту лекарите и другиот медицински персонал да се вакциниран. Да не беа донациите, и тие ќе требаа да патуваат да се вакцинираат во Србија, или каде и да им отвореа врата, да се смилуваат врз народот оставен на цедило од Заев и од Филипче. Ете тоа е горката вистина“, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според портпаролот на партијата – Наум Стоилковски, не смее да се заборави колку лаги биле кажани за набавка на вакцините и колку лажни изјави биле споделувани дека има договори за вакцини, а всушност сѐ било лага и трка по провизии.

Стоилковски истакна дека вакцинацијата во Македонија задоцни цели четири месеци и цената е платена во животи. Од 1 јануари до сега има починато над 1.700 луѓе поради ковид пандемијата и ненавременото справување со неа, потенцираше тој, додавајќи дека многумина од нив можеби ќе биле спасени доколку, како што рече, не се мислело на провизии.

Според ВМРО-ДПМНЕ, секој нов загубен живот од вирусот оди на совеста на Заев и на Филипче. Да набавеле вакцини кога тоа го правеа и земјите од регионот, бројот на починати сигурно немаше да биде толку голем, обвинува опозицијата.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

„И денес, четири месеци и 14 дена подоцна, Македонија сѐ уште каска зад регионот и зад светот. Полицискиот час кој што е на сила и најавите за негово продолжување, немаше да бидат потребни ако се набавеа вакцини на време“, порача Стоилковски. Од неспособноста на власта, резултатот е урнисана економија, втора година по ред, илјадници уништени животи, загубени членови на семејства, загубени работни места, загуби и трошоци за лекување, цели две години загуби за Македонија, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не постои толкав буџет што може да ги санира овие загуби. Нема толкав пи-ар тим што може да биде платен од буџетот за ја покрие оваа нечовечност и лакомост во власта. Останува горката вистина дека Заев и на Филипче среде пандемија бркаа провизии! Нема веќе простор за Заев и за Филипче за манипулација со граѓаните. Нема веќе верба дека Заев и Филипче можат да сторат нешто повеќе. После сѐ, за Заев и за Филипче нема ништо друго освен – одговорност!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -