ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за мирните демонстранти во Тетово, ама и за уапсените

ВМРО-ДПМНЕ денеска изрази „поддршка за луѓето кои мирно протестираа во Тетово“ како реакција на, како што велат,  отсуството на одговорност кај власта поради трагедијата во модуларна болница во која животот го загубија 14 лица.

Поддршка од партијата добија и лицата кои беа приведени за агресија и физички напади врз полициските службеници.

„Изразуваме поддршка и за уапсените од протестите кои од власта се прикажани како наводно страшни учесници во толпа, наспроти снимките каде се приведувани во локалните угостителски објекти. Тоа е класичен израз на немоќ и паника, каде наместо со истрага, СДСМ и ДУИ удира пендреци по народ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ воедно и ги осудија, како што велат, сите обиди од страна на СДСМ и ДУИ за политизација на протестите.

„Потрагата по правдата и вистината за пропустите на Филипче не смее да биде попречена од политизацијата наметнувана од владата на СДСМ и раководството на ДУИ.

Меѓу протестантите имаше и членови на семејствата на настраданите во несреќата, и нивната болка е поголема кога власта неоправдано ги третира како хулигани, што е срамно и безкрупулозно.

Наместо Филипче, Заев и Хасани да трошат енергија за дефокусирање на истрагата и политизирање на незадоволството, нека си поднесат оставка и да ја ослободат истрагата од притисоци. Вистината мора да се дознае и мора кривична одговорност за надлежните“, порачаа од најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Петрушевски: Љупчо Дон Николовски потрошил 976.199 денари на кафеани и ресторани како министер за земјоделие

Претходно, апсењата ги осуди и опозицијата од албанскиот блок.

„Има десетици случаи и трагедии во кои многу граѓани ги загубија животите и беа оштетени на различни начини како резултат на последователните влади на ДУИ, и во ниту еден од нив нема уапсени.

Имаме 14 наши сограѓани изгорени во пожарот во модуларната болница во Тетово и сè уште нема апсења или разрешени. Во меѓувреме, кога граѓаните бараат одговорност и правда за сите овие трагедии, полицијата и власта се брзи во нивно апсење и гонење“, реагираат од Алијанса за Албанците.

„Алијанса за Албанците најостро го осудува апсењето и секој друг вид притисок врз секој граѓанин и бара итно ослободување на демонстрантите. Протестот е демократско право и е гарантиран со Уставот, додека револтот изразен во нив е само рефлексија на незадоволство од актуелната влада.

Во протестот имаше и роднини кои ги загубија и најсаканите.

Ве известуваме дека ниту опозицијата ниту граѓаните нема да ги заплашите и демотивирате од битката за правда и одговорност. Секој ваш притисок ќе ви се врати како бумеранг“, се вели во нивната реакција.

- Реклама -