ВМРО-ДПМНЕ: Оправдувањето на Шилегов за комарците е исто како во зима да се жали дека има снег

Изговорите на Шилегов за наездата на комарци во Скопје, ако не беа трагични, ќе беа смешни, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Шилегов ја откри Америка! Оправдувањето дека има комарци затоа што месецот е влажен, е исто како во јануари да се жали дека има снег затоа што е зима“, оценуваат од партијата, обвинувајќи дека откако Шилегов е градоначалник не поминало лето без скопјани да се под наезда на комарци.

„Не помина лето, а да не се фрлаат милиони за прскање, а притоа да нема никаков ефект. Скопје не го заслужува дилетантизмот на Шилегов. Шилегов треба да си замине“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Скопскиот градоначалник, пак, најавувајќи дека во понеделник ќе се врши терестрична (копнена) дезинсекција против возрасни форми на комарци, вчера објасни дека годинашната експанзија на комарци во август се должи на највлажниот август во изминативе 50 години.

Тој потсети дека годинава против комарци е прскано во пет наврати и дека помеѓу две прскања мора да поминат најмалку 10 дена, бидејќи хемикалијата е штетна за здравјето на луѓето. Шилегов посочи и дека Град Скопје не може да запрашува на своја рака, туку работи во координација со други институции, пред сѐ со Центарот за јавно здравје, под чиј надзор се врши запрашувањето.

Шилегов потенцираше и дека проблемот е регионален, а дека Град Скопје има ингеренции само на своето подрачје, при што се пожали дека општините кои се дел од Скопската котлина, како Сопиште и Арачиново, ниту еднаш годинава не прскале за комарци. Тоа, вели Шилегов, делумно ја поткопува битката на Град Скопје со овој проблем.

Николина Соколовска од Центарот за јавно здравје – Скопје, исто така, посочува дека комарец лета од 5 до 50 километри на ден, па оттаму и дека проблемот ќе постои сѐ додека сите општини, и градски и приградски, не почнат целосно, заеднички и навремено да ги извршуваат своите обврски. Притоа, Соколовска потенцира и дека ниту една од мерките не ги уништуваат комарците целосно, туку само ги сузбиваат/намалуваат.

Она што граѓаните ги интересира, од друга страна, е ефектот,  она што на своја кожа можат да го почувствуваат (буквално!). А токму она што го гледаат, е инспирација за низа креативни реакции на социјалните мрежи. Следнава, на пример, го отсликува токму моментот дека граѓаните не ги интересира колку пати е прскано (читај: не ги интересира кој и зошто не го решил проблемот), туку колку пати се каснати (читај: да се реши проблемот).

- Реклама -