Тој го повика Јавното обвинителство да го земе Извештајот од ревизијата на ДЗР за Клиниката за очни болести и да отвори постапки
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на прес-конференција претпладнево изнесе податоци од Државниот завод за ревизија кој констатирал нерегуларности во финансиското работење на Клиниката за очни болести.
Петрушевски вели дека според ревизијата на ДЗР, која се однесува на времето кога со неа раководеле СДСМ и ДУИ, по основ на неуплатена партиципација за лекување, буџетот на истата е оштетен за 3,9 милиони денари.
Овие пари, рече Петрушевски, требале да легнат на сметката на Клиниката за очни болести по основ на партиципација за лекување.
Петрушевски се осврна и на делот од ревизорскиот извештај каде е наведено дека по детален увид во документацијата на Клиниката од ДЗР се констатирало дека за 2,4 милиони денари со задоцнување се доставени потврди за ослободување од партиципација, но за истите не е доставена поткрепувачка документација.
„Раководството на СДС и ДУИ на Клиниката за очни болести работело надвор од законските процедури, оштетувајќи ја Клиниката. Ако знаеме дека за период од една година, за која е правена ревизијата буџетот на Клиниката е оштетен за 3,9 милиони денари, тогаш што е направено за седум години колку што СДС и ДУИ раководеле со истата?“,
беше прашањето што го постави Петрушевски.
Тој го повика Јавното обвинителство да го земе Извештајот од ревизијата на ДЗР за Клиниката за очни болести и да отвори постапки.
Инаку, во извештајот на Државниот завод за ревизија, кој е достапен на нивната веб-страница, се вели дека ревизорите изразиле мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење без резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година.
„Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Клиниката за 2022 година утврдивме дека постојат разлики помеѓу пресметаната партиципација и висината на наплатените приходи од исвршени здравствени услуги во висина од 3,971 илјада денари“,
се наведува во извештајот на ДЗР.