ВМРО-ДПМНЕ: На Тања Ковачев може и Мира Дизел да ѝ позавиди, си ја вработила дури и золвата

Поширокото семејство на пратеничката на СДСМ – Тања Ковачев, го има зафатено епидемија од најтежок вид на непотизам, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски, на денешниот прес за медиумите. Како што рече тој, на случајот со Ковачев можа да позавиди и Мира „Дизел“ Стојчевска.

„Во интерес на времето да почнам со набројување на сомнежите за непотизам без поголем вовед, со мала напомена дека се работи за работни места со многу високи плати, многу повисоки од просечната плата која што ја добиваат граѓаните во Република Македонија.

Па така, прашуваме, дали сопругот на пратеничката Тања Ковачев, Дејан Ковачев без соодветно образование е вработен во АД Аеродромски услуги – Аеродроми на Македонија?

Дали сестрата на истата пратеничка, Катерина Хаџиевска Јакимовска е вработена во УЈП како инспектор за игри на среќа?

Почитувани, дали зетот за сестра, Бобан Јакимовски е вработен во Водовод и канализација Скопје?

Дали Елеонора Фунду, золвата, односно сестрата на сопругот на пратеничката е поставена како претседател на Надзорен одбор на АД Аеродромски услуги Аеродроми на Македонија каде што работи Дејан Ковачев мажот на Тања Ковачев?“, праша Арсовски, наведувајќи дека дел од информациите се добиени од крајно разочарани граѓани, како и членови и поддржувачи на партијата.

Доколку информациите се точни, констатираше тој, ова ќе биде и прв случај на вработена золва, покрај, како што рече, „сите случаи на вработени мајки, синови, ќерки, сестри, браќа, свекрви, сопрузи, баби, дедовци и фризерки на високи функционери на СДСМ“.

„Зарем во државата нема други невработени кои што треба да се вработат? … Како тоа токму нивните роднини се или единствени кои конкурирале или се најдобрите кандидати?“, праша Арсовски, нагласувајќи дека сè уште го очекуваат одговорот на ова прашање од функционерите на СДСМ.

„Сето ова е потценување на здравата разум на граѓаните, бидејќи моделот на Дизел вработување не е исклучок, тоа е правило во СДСМ. Залудно е лажното морализирање и пазарење еден ќе се повлече, двајца ќе останат вработени, колку да се замае јавноста. Оваа епидемија ќе прекине само и само со пораз на оваа крими-непотистичка власт на избори, кога ќе почне и нивната демонтажа“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

- Реклама -