ВМРО-ДПМНЕ, ЛЕВИЦА И ЗНАМ ЈА РАЗРЕШИЈА ИЛИРЕ ДАУТИ

Со 61 глас од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ, Собранието ја разреши пратеничката Илире Даути од ДУИ од местото претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, поради непочитување на Собранискиот деловник со неставање на Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и самоволна одлука да ги лиши пратениците од дебата за него.

Законот беше поднесен од пратеничката Славјанка Петровска која, како и останатите пратеници од СДСМ и коалицијата, денеска не беше ни на интерпелацијата на Даути, ниту на интерпелациите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик, ни на таа против вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ.

Пратениците од СДСМ ја напуштија седницата уште кога почна, нагласувајќи дека ништо нема да се се смени и оти поради тоа партијата не сака да учествува во интерпелации поднесени од ДУИ колку да се рече дека се поднесени, без ниту еден збор во нив за бегството на Артан Груби, за отровниот воздух, за тоа дека претседателот на Собранието Африм Гаши е виновен за блокирањето на Законот за бранителите, а не толку Даути.

СДСМ кажа дека нема да учествува и да дава придонес во наменска собраниска седница за потпалување на национализмот и меѓуетничките тензии, за кои како што велат социјал-демократите, потрошиле многу време и труд да ги сведат на минимум. Партијата смета дека со интерпелациите ДУИ им угодува на ВМРО-ДПМНЕ, партии кои традиционално се договараат тензиите да ги држат горе.

Даути рече дека само инсистирала да се зборува подеднакво како за бранителите, така и за припадниците на поранешната ОНА, кога се работи за посебни права.

- Реклама -