ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски покажа дека не може да му се верува, да не си игра со уставниот поредок на државата

„Времето покажува дека што и да каже Ковачевски дека разговарал или не разговарал, него не може да му се верува“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако премиерот како „лаги и небулози“ ги карактеризираше обвинувањата дека работната група за уставни измени разгледува редефинирање на Уставот со цел создавање на бинационална држава.

ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека Ахмети молчи по ова прашање, и бараат лидерот на ДУИ да одговори дали предложил такви измени.

„Така на почетокот тој (Ковачевски) беше против француски предлог, за да потоа тој стане негов главен застапник. Потоа токму Ковачевски велеше дека Бугарија нема што да бара од Македонија во поглед на заедничко чествување за да потоа следи канонада од бугарски клубови во Македонија.

Така и сега кога Ковачевски вели дека нема бинационална држава, а Ахмети молчи за тоа дали барал уставни измени за внес на народи, заедници и малцинства.

Информациите кои стигнуваат до нас од т.н. работно тело за Уставни измени е дека варијантата за два народа, неколку заедници и малцинства е најсериозно дебатирана меѓу нив“, се наведува во реакцијата на најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Ковачевски, наместо да брка гуски во магла, да каже дали ова е разговарано во владината коалиција или е само идеја на т.н. работно тело.

Ако е разговарано со владината коалиција тогаш треба да се исправи пред македонската јавност и ова да го образложи, ако пак е разговарано на т.н. работно тело да образложи која е потребата од истото и дали за ова земаат пари од македонските даночни обврзници, на кои им е преку глава да плаќаат на разноразни партиски послушници кои глумат експерти за разнебитување на Македонија“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие апелираат до Ковачевски да „не се поигрува со карактерот на уставниот поредок на Македонија и со духот на Рамковниот договор кој донесе мир и стабилност во државата, а ако смета дека е општеството созреано, да поднесе иницијатива до Собранието за промена на уставот па да видиме како ќе помине“.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија апелот и до Ахмети и ДУИ да се изјаснат за ова прашање.

- Реклама -