ВМРО-ДПМНЕ: Кој од СДС ја излизга Кузеска да шири дезинформации, синот на Иванов и сопругата на Илевски не се назначени за надзор во МЕПСО

„СДСМ тотално забегале. Кој вака ја излизга Богданка Кузеска да држи прес конференција и да шири лажни вести. Во недостиг на сериозни аргументи, СДСМ продолжува да ја труе јавноста со дезинформации. Ниту синот на Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, ниту пак сопругата на Богдан Илиевски, Анастасија Илиевска се назначени за надзор во МЕПСО. Станува збор за комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски“, вака одговорија од ВМРО-ДПМНЕ по денешните обвинувања од портпаролката на СДСМ за партизација на МЕПСО од страна на владејачката партија.

„Во СДСМ расколот е очигледен, покрај тоа што мешаат роднини и јавно излегуваат на говорница и прозиваат луѓе, почнале и меѓусебно да се местат. Прес конференциите на Кузеска се комедија за народот. Ја советуваме Кузеска да внимава на своите сопартијци, повеќе од јасно е дека некој внатре од партијата ја мести. Филипче, Кузеска и останатите фотелјаши функционери ја донесоа партијата СДСМ пред целосен колапс. Лошиот пиар на Венко Филипче ќе ја доуништи и така веќе уништената и поразена СДСМ“, додадоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Кузеска денеска обвини дека „скандалозни се најновите одлуки со кои Владата изврши целосна партизација на МЕПСО со некомптентни луѓе кои немаат допирна точка со енергетиката, но се роднински поврзани со луѓе од Владата“.

Прочитајте и:  СДСМ: По вчерашното интервју на Сиљановска jасно е дека таа нема достоинство да биде претседателка на државата

„Прв и најскандалозен избор е изборот на синот екс претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи.

Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протести на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата“, обвини Кузеска.

Меѓутоа, од СДСМ реагираа и за назначувањето на Бурим Љатифи за директор на МЕПСО, кој како што посочуваат, е прв братучед на Изет Меџити. Кузеска тоа го оцени како „целосен непотизам“ и побара институциите итно да реагираат.

„ВМРО-ДПМНЕ продолжува со грубата партизација со целосно некомпетентни кадри на значајни позиции. Јавноста уште не може да поверува дека на заменичко министерско место во МВР има човек со фискултурно образование, а сега во енергетиката се поставуваат политиколози. Ова се најлошите кадровски решенија на било која Влада во минатото и од овие луѓе може да се очекува само да и служат на партијата, никако на граѓаните“, изјави Кузеска на прес-конференцијата.

- Реклама -