ВМРО-ДПМНЕ: Инцидентот во Битола е реакција на распродавањето на државните и национални интереси

Инцидентот во Битола е реакција на распродавањето на државните и национални интереси од страна на власта, велат од ВМРО-ДПМНЕ за палењето на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, откако денеска МВР соопшти дека е приведен и дека го признал делото Л.А. (34) од Битола, за кој медиумите дознаа дека е македонскиот пејач Ламбе Алабаковски.

„ВМРО-ДПМНЕ не поддржува никаков вид на насилство и смета дека тоа не е одговор на проблемите, но воедно подвлекуваме дека инцидентот во Битола е реакција на акцијата на власта поврзана со распродавањето на државните и национални интереси.

Таквата распродажба на националните интереси, дозволувањето и патронатството на провокации сервирани од источниот сосед, од страна на Владата на Македонија, предизвикува кај голем број на граѓани фрустрација и бес“, порачаа од најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Во време кога сѐ уште нема одговор каде се парите од Рекетот, во време кога се дозволи Ден Дончев да избега со туце пари кои ги зема како мито, кога Рашковски и Зекири се осомничени за огромни злоупотреби, кога нема виновни за горењето на пациентите во модуларната болница во Тетово, нема одговорност за несреќите во Ласкарци и Бугарија, кога Спасовски не одговара за нелегални пасоши издадени на белосветски мафијаши, спроведувањето на закон врз сторител на инцидент во Битола е замачкување на очите на јавноста за да се дефокусира вниманието од колективна неправда, срушениот правен систем и економската катастрофа во која живее народот“, се додава во соопштението.

- Реклама -