Од Коалицијата „Вреди” за МИА информираат дека денеска нема да се одржи најавената средба на работните групи со ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада, откако викендот ги договорија општите начела за соработка, поради тоа што работните групи, кои треба да учествуваат во преговорите не се целосно екипирани. Како што посочуваат од „Вреди”, допрва сите политички партии од Коалицијата треба да одредат по еден претставник, кои ќе бидат дел од работните групи кои ќе преговараат со ВМРО-ДПМНЕ.
-Да, денеска нема да се одржи средба на работните групи. Во моментот се чека да се одредат по еден претставник од сите политички партии од Коалицијата и од ВМРО-ДПМНЕ и потоа да се разговара за усогласување на програмите. Секако дека во наредните денови се очекува работните групи за преговарање да се состанат, велат од “Вреди” за МИА.
Соработката, како што информираше ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа завчера во штабот на Вреди ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
– Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, нагласи ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата во саботата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата Вреди Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
Од коалицијата Вреди по средбата оценија дека преговорите се одвиваат во позитивна и вистинска насока.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ , 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.
За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори, девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.