Телата и органите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги разгледаат сите опции за импичмент на претседателот Стево Пендаровски, потврди денеска портпаролот на партијата – Димче Арсовски, откако вчера пратеничката и член на Извршниот комитет – Дафина Стојаноска, ја најави таквата можност во гостување на „ТВ24“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, виновник за оваа ситуација во која тие нема да гласаат за петте вонредни состојби е самиот Пендаровски, бидејќи со нивното прогласување бил соучесник во нивната злоупотреба од страна на власта „за други цели“, а не во интерес на граѓаните.
„Ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев, која во оваа држава Република Македонија функционира многу подобро и од најдобрите времиња на најголемата мафија во светот ‘Коза ностра’”, рече Арсовски.
„Одговорот за овој проблем, кој е и несомнено ќе стане голем, треба да се побараат или кај претседателот или кај Уставниот суд“, рече вчера Стојаноска.
Според премиерот Зоран Заев, „ВМРО-ДПМНЕ несериозно ги поставува работите“ со прашањето за импичментот. Тој истакна дека одговорност од претседателот се бара доколку тој го прекрши Уставот, а тоа го утврдува и констатира Уставниот суд, што е предуслов за да му престане функцијата на претседателот на државата.