ВМРО-ДПМНЕ: Епска брука на Заев и Филипче, не се способни ниту донирани вакцини да превземат

Да имаа грам одговорност, денес Заев и Филипче ќе си напишеа сами оставка и ќе се извинеа на нацијата, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако се одложи и денешното (церемонијално) пристигнување на вакцините против ковид-19 од производителот „Фајзер“ кои Србија ни ги отстапи. Според најголемата опозициска партија, се работи за епска брука на премиерот и министерот за здравство, кои, како што велат, не се способни ниту донирани вакцини да превземат, додека народот умира.

„Арамијата Заев прво чекаше вакцини од Грција – не ги доби, па од Бугарија – кои исто не ги доби, сега од Србија никако да му стигнат. Наместо да чека донации до сега требаше да се фати за работа и сам да набави, а не да ја брука државата кај ќе стигне. Цел регион и цела Европа одамна се вакцинира, а Заев се фали дека ќе му стигнат вакцини, кои не ги набавил, туку некој друг му ги подарил. А тие никако да стигнат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

„Македонија со Заев стана земја за жалење. Наместо да обезбеди вакцини на време, тој моли за вакцини низ соседството, прво се фалеше со бугарски вакцини, кои не му стигнаа, а сега со српски.

Македонија сѐ уште е на врвот на листата на земји по починати од КОВИД-19 на 1 милион жители, а голем дел од тие животи сега ќе беа спасени доколку Заев набавеше вакцина на време.

Филипче и Заев се неспособни да извршат набавка на вакцини, а уште помалку ќе извршат вакцинација. Според нивниот план за вакцинација, Македонија ќе се вакцинира 3 години.

Филипче и Заев се неспособни, а резултатот од тоа е голем број на заразени и починати граѓани од КОВИД-19“, обвинуваат од опозицијата.

„Немањето вакцини е доказ за огромната неспособност на цел еден систем. На човек му се смачува од нивното незнаење и неспособност. Наместо оправдувања, треба да се пишуваат оставки. Нема дно кое не го пробија“, додаде и лидерот на партијата Христијан Мицкоски, на Фејсбук.

- Реклама -