ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одлучува за референдумското изјаснување, во игра и поништување на Договорот со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ вечер од 18 часот ќе има седница на Извршниот комитет за донесување одлука за предлогот за референдумско изјаснување во врска со Преговарачката рамка и уставните измени побарани од Бугарија за да отпочнат преговорите на нашата земја со ЕУ.

„Размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ, за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен комитет, се на референдумот да се побара престанок на важноста на овој договор со кој ќе се постават фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија. До таквиот референдум би се дошло преку собирање граѓански потписи, а на иницијативата први потпишани ќе биде раководството на ВМРО-ДПМНЕ. По собирањето на квалификуваните потребни најмалку 100 потписи, ќе се пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓаните“, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ пречка е членот 5 од Преговарачка рамка, кој се потпира на протоколот кој, пак, како што рече, ги содржи сите спорни делови од Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка од 2017 година.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Оттука, изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој договор кој поставува фундамент на бугарските позиции од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. Мора да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо за бугарските барања, тоа е промената на историјата, идентитетот, јазикот и културата“, рече Митева.

Таа посочи дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, отворил процес на широки консултации – биле консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, академската јавност и коалициските партии… и дека добил поддршка за иницијативата.

„Како гаранција дека уставните измени нема да се случат остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата“, додаде Митева.

Извор: МИА

- Реклама -