ВМРО-ДПМНЕ: Ако Спасовски се согласува со Агелер нека си поднесе оставка, тој е министер во 9 од 10-те години кои таа ги спомена

„Го повикуваме Спасовски да се разбуди или да се отрезни. Трагедија е сама по себе неговава изјава дека се согласува со Агелер дека неказнивоста на криминалците е голем проблем на државата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешните изјави на министерот за внатрешни работи во однос на случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и острите коментари на амбасадорката на САД во земјава – Анџела Прајс Агелер, која оцени дека институциите можеле да ја заштитат Вања ако делувале по претходните кривични дела кои ги сториле осомничените.

„Ако се согласува со Агелер, нека си поднесе оставка, зашто од 10-те години за кои збори Агелер, тој е министер за внатрешни скоро 9 години.

До толку е забеган што не сфаќа дека согласувањето е и признание за сопственото промашување и невршење за својата обврска за што мора да сноси одговорност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека за однесувањето на Спасовски народот има поговорки како „ем шуто ем боде“.

Спасовски денеска, коментирајќи ги оценките на Агелер, заклучи дека целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

„Тоа е нешто што мораме да го разбереме и да го прифатиме како состојба што мора да се менува. Тоа го зборувам многу често досега – и кога зборував за неказнивоста на сите оние кои ја ограбуваа државата и беа главни во општеството без да сносат одговорност, кога зборував за консолидација на судскиот систем. Менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно“, рече Спасовски во изјава за медиумите во Битола.

Во однос на постапувањата на полицијата, Спасовски се повика на бројките.

„За граѓаните е важно криминалците од првиот момент кога ќе бидат приведени да има една траекторија во која ќе гледаат и ќе знаат дека дошло до извршување на санкцијата или дошло до одземање на имотот којшто е стекнат на криминален начин. Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и во однос на извршувањето на санкциите за да не ни се случува кога МВР ќе ги приведува криминалците, за кратко време да ги видиме дома или без одредување на соодветни мерки“, рече министерот.

- Реклама -