Сите оние кои од 1 јули планираат да патуваат во Грција, без оглед со кој вид на транспорт, ќе мораат да пополнат таканаречен „формулар за лоцирање на патници“, односно „Passenger Locator Form“ (PLF), објавија грчките власти.
Се работи за специјален образец, достапен на специјалниот вебсајт travel.gov.gr, кој задолжително ќе треба да го пополни секој патник, и тоа најмалку 48 часа пред пристигнувањето во земјата. Во PLF формуларот, патниците ќе треба да ги наведат личните податоци, но и детални информации за нивната посета на Грција – почнувајќи од локацијата на поаѓање, преку времетраењето на претходните престои во други земји, па до траењето на престојот и адресата на која планирате да престојувате додека сте во Грција. Ако планирате да посетите повеќе локации во земјата, ќе треба и тоа да го наведете.
Согласно наведените податоци во PLF формуларот, ќе добиете соодветен единствен баркод (QR), согласно кој, при влез во земјата (на граничниот премин, на аеродромот или на пристаништето) ќе се врши селекција на патниците и истите ќе бидат упатени на скрининг (тестирање) или ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето и ќе добијат соодветни упатства. Формуларот, во електронска или испечатена верзија, ќе мора да го прикаже секој патник при влез во Грција.
Оние што ќе бидат упатени на скрининг, ќе треба да останат на наведената крајна адреса во Грција во самоизолација сѐ до пристигнувањето на резултатите од тестирањето. Позитивните на Ковид-19, пак, ќе треба да поминат 14 дена во самоизолација во таканаречени „карантински соби“ или во хотелите наменети за карантин на туристи.
Протоколите се слични за сите патници, без оглед дали ќе пристигнат авионски, по поморски пат или преку копнените граници. Повеќе детали ТУКА.