Во сабота во 21 часот во просториите на Домот на АРМ, Фронтменот на култната „Леб и сол“, Влатко Стефановски ќе одржи концерт заедно со флејтистот Васко Атанасовски и Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија.
По тој повод Влатко истакна дека ова ќе биде концерт на пријатели кои имаат добра волја и желба да соработуваат, најавувајќи несекојдневно музичко доживување.
„Во сабота ќе се обидеме да понудиме една друга димензија од нашето постоење и делување. Ќе се обидеме да ве однесеме некаде каде што барем за момент ќе можете да ги оставите секојдневните проблеми и грижи и заедно да патуваме во најдобрата Македонија. Најдобрата Македонија за мене е македонската музика и она што нашите предци го оставиле како наследство, како традиција и аманет што мора да се чува и нешто што не смее да се заборави“, изјави Влатко Стефановски.
Иако концертот првично беше најавен за во Универзална сала, истиот е дислоциран во Домот на АРМ поради уривањето на дел од покривот од објектот. Секако, со оглед на тоа што просторот е помал, најавени се два концерти во истиот ден, од кои едниот е во 19, а другиот во 21 часот.
Фото од насловна: Телеграф.мк