Власта сака да ослободи криминалци зашто тоа им го ветила, ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија – вели Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе го блокираат со амандмани законот за амнестија кој е поднесен во Собранието, бидејќи намерата на власта со овој закон, како што вели, е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.

„Па видете владата на СДСМ-ДУИ, односно ДУИ-СДСМ како ви е полесно, се подготвува за сериозна опозиција. Да, ние ќе го блокираме, тука не треба да има никаква дилема. Ова не е закон со европско знаменце како што беа измените во кривичниот законик и ние ќе го блокираме во рамките на собраниската процедура, зошто овој закон има двојна намена. Првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска казна, бидејќи така им ветиле; тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, туку и на помалиот коалициски партнер Алијансата за Албанците… ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ, или барем оној дел кој што се идентификува како Алијанса за Албанците… Значи тоа се преземени обврски кон криминалците кои што се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат намалување, делумна амнестија, дел целосна амнестија, и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Илинден.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Тој додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да се пресмета со криминалот од каков било облик.

„Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од било каков облик, дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство итн. или политичките криминалци кои што денеска се дел од владата“, вели Мицкоски.

Тој се осврна и на наводната нова афера поврзано со клиниката за хематологија, чија директорка Пановска доделила тендер на веледрогеријата на нејзиниот татко.

„Во услови кога не се залечени раните од оној траор и гнев кој секој од нас го чувствува поврзан со она што се случувало на клиниката на Онкологија, стигнува нова афера каде ќерка дава тендер на татко, и тоа ни помалку ни повеќе туку 3 милиони евра“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.

Според него, оваа спрега трае со години, можеби децении, и затоа здравството е доведено до ова дереџе, но посочи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе ги испита сите сомнежи за криминал и секој кој сторил криминал ќе одговара.

МИА

- Реклама -