Согласно последните организациски проценки поврзани со протоколот за посетата на Неговата Светост Папата Франциск, и согласно потребите и барањата на институциите и граѓаните, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука утрешниот ден, 7 мај (вторник), да биде неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје.
Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција.
Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор, и на тој начин да го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на Папата Франциск.
Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден, соопштија од Владата.