Владата побарала отстранување на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза

Владата побарала од Општина Центар од новиот детален урбанистички план „Мал ринг“ да се избришат маркичките на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза, кои според работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година, се дивоградби и при нивната изградба прекршени се низа закони, објави „САКАМДАКАЖАМ.МК“.

Од Општина Центар потврдиле дека за време на јавната анкета за Деталниот урбанистички план добиле барање и од Владата да се избришат овие два објекти, а сега чекаат согласност и од Министерството за култура, под чија надлежност се објектите.

Како што потсетува „СДК.мк“, претходно Владата предизвика силни реакции на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Работната група за „Скопје 2014“ и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кога побара споменикот на Мајка Тереза да се пренамени, наместо да се руши. Затечен од таа одлука беше и координаторот на работната група – Мирослав Грчев, за кого објектот „посветен на Мајка Тереза“ е всушност фашиcтички споменик и симбол на владеење на неправото.

Од Работната група за справување со „Скопје 2014“ исто така доставиле барања до Општина Центар во кои, покрај уривање на овие два споменици, се бара и бришење на т.н. „Шпански скали“, како и дислоцирање на спомениците од Плоштад „Македонија“, додава „СДК.мк“.

 

- Реклама -