Владата, по извештајот на Стејт Департментот: Коруптивните активности сериозно ќе бидат казнети

„Владата на Република Северна Македонија со исклучително внимание ги разгледува сите наоди и аспекти од извештајот на Стејт Департментот на САД, после што забелешките ќе бидат адресирани до засегнатите чинители со цел уште повеќе да ги зајакнеме антикорупциските политики и да ја подобриме инвестициската клима во земјава“, велат од Владата откако вчера доби сериозни критики на тема корупција.

Од Владата инсистираат дека се одлучни и сериозно посветена на решавање на „наталожените и децениски проблеми“, а справувањето со високата корупција и организиран криминал, додаваат, е на врвот на приоритетните национални реформи „кои веќе испорачуваат резултати“.

„Прочистувањето на правосудството, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки, се неповратни процеси кои претставуваат препрека и закана за секој поранешен, актуелен и иден функционер кога е во прашање корупцијата“, се вели во соопштението.

Дека овие процеси веќе даваат видливи резултати, аргументираат од Владата, говорат и расчистените судски процеси низ кои повеќе високи политичари се осудени за сериозни кривични дела, а десетици се во напредни судски постапки и се очекува конечен исход од страна на судовите.

„Правосудството ги има сите услови за професионално и непристрасно одлучување, ослободено е од какви било влијанија на извршната власт, а органите на прогонот несомнено постапуваат неселективно, без разлика за кој функционер станува збор“, велат од „Илинденска“ бр.2 .

Од Владата додаваат дека меѓународните и домашните извештаи, со сите нотирани податоци, се дополнителен мотив за да продолжи со континураната и неселективна борба против корупцијата и за обезбедување систем во кој институциите се во служба исклучово на граѓаните.

Прочитајте и:  Владата го назначи министерот Муртезани за главен преговарач со ЕУ

„Со сите преземени мерки и предвидени иницијативи, Владата на Република Северна Македонија упатува сериозна порака до сите носители на јавни функции, државни службеници и граѓани дека учеството во коруптивни активности не се исплати и сериозно ќе биде казнето“, се додава во соопштението.

Според Стејт Департментот на САД, корупцијата постојано е прашање на дневен ред во Северна Македонија, а функционери и натаму се вклучени во коруптивни активности.

„Иако големи странски компании кои работат во ТИРЗ зоната генерално се изјаснуваат позитивно за искуставата и одржуваат добри релации со власта, генерално регулаторната околина во земјата останува сложена и постојаните промени во регулативата и во легислативата, придружени со недоследна интерпретација на правилата, создава непредвидлива бизнис клима погодна за корупција. Власта генерално применува закони, но има бројни извештаи дека некои функционери остануваат вклучени во коруптивни активности“, се вели во извештајот објавен вчера.

Во конкретниот дел за корупцијата, се наведува дека државата има закони со цел да спречат поткуп, злоупотреба на функцијата и судир на интереси, но дека на моменти нивното спроведување е слабо и селективно се таргетираат критичарите на власта и претежно одговорност сносат прекршители од пониските ешалони.

Стејт Департментот, исто така, потсетува дека годинава државава се најде на 111. место од вкупно 180 земји во ранкингот на Транспаренси Интернешнал според индексот на перцепција на корупцијата во 2020 година, што е пад од 5 места во однос на 2019 година и пад од 13 места во однос на 2018 година.

- Реклама -