Владата ја доби Предлог-иницијативата за устави измени од Министерството за правда и таа ќе биде разгледана на некоја од наредните седници, информираат за МИА од владината прес-служба.
Јавноста, како што нагласуваат од таму, ќе биде информирана за одлуката.
Министерството за правда минатата недела работеше на номотехничко прочистување на предлогот, а тој беше преведен и на албански јазик.
Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.
Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.
За во среда е најавена средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
Како што соопштија од Владата, на средбата ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела изјави дека постапката за уставните измени може да почне и паралелно да траат политичките разговори, имајќи предвид дека од доставувањето на Предлог-иницијативата до седницата мора да поминат 30 дена за да можат пратениците да ја разгледаат. Очекувањата се дека уставните измени би биле испратени во Собранието кон средината на овој месец.
Извор: МИА