30 милиони евра субвенции се исплатени на 19 илјади тутунопроизводители во Македонија. Субвенциите за прва класа тутун се 80 денари, за втора класа 70 денари, а за трета и дополнителни класи 60 денари за килограм.
„Ова јасно ја покажува определбата да се поддржи реалниот сектор, а со тоа и економската активност. Важно е да се продолжи со работа. До 15 април повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен за 20 проценти. Ова доволно говори за посветеноста да се зголеми ликвидноста во стопанството, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска на заедничката прес-конференција со министерот за земјоделство.
Парите ќе им легнат на сметките на тутунарите во текот на денешниот ден, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
„За да не се создаваат гужви во банките, подигнувањето на субвенции за тие што немаат платежни картички ќе се одвиваат во 4 последователни денови. Направен е распоред на исплатата според азбучен ред. Ги замолувам да имаат разбирање и да се придржуваат кон начинот на исплатата“, изјави Димковски.
Според изработениот план за исплата, лицата чии презимиња почнуваат на А до Д, средствата можат да ги подигнат во вторник, Ѓ до К во среда, Л до Р во четврток, С до Ш во петок. Тие што имаат платежни картички можат да ги извадат парите и од банкомат во понеделник од 16 до 23 часот, а МВР ќе има списоци за да го дозволи тоа и покрај полицискиот час.