Владата им ја зголеми платата на вицепремиерите.
Според измените во Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, предвидени со предлог законот кој денеска е доставен до Собранието, платата на замениците на премиерот Зоран Заев ќе се пресметува со коефициент 4, наместо со досегашниот коефициент од 3.70.
Со тоа, платите на вицепремиерите ќе пораснат за 8.027 денари во бруто изнoс.
Со оглед дека претседателот на Владата има пет заменици (Хазби Лика, Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски), граѓаните/буџетот тоа ќе ги чини 481.620 денари повеќе годишно.
Со покачувањето, платата на најплатениот заменик на претседателот на Владата – министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе надмине 100 илјади денари (досега земаше 92.299 денари), а платата на министерката за одбрана – Радмила Шекеринска, ќе достигне 87 илјади денари (досега земаше 79.150 денари).