Владата и странските инвеститори си зададоа задачи за реформи, законски измени и заеднички процеси

Владата и Советот на странски инвеститори денеска утврдиле задачи за реформи и закони кои што треба да бидат изменети и за процеси за кои ќе треба заеднички да работат во следниот период.

Премиерот Христијан Мицкоски по состанокот во Владата изјави дека слушнале многу добри совети и насоки  како треба да ги водат работите и процесите во период кој што следи.

-Договоривме да имаме и вакви квартални состаноци на кои што ќе разговараме за напредокот на работите кои што ги договараме на состаноците.Следниот состанок ќе биде кон крајот на годината, во првата половина на  декември. Можам да кажам дека сите ние си зададовме определени домашни задачи за реформите и законите кои што треба да бидат изменети, односно кои што ќе треба да претрпат измена, но и дел од процесите за кои што ќе треба во периодот кој што следи заеднички да работиме, да дискутираме, да анализираме, да видиме што треба секоја од страните да направи, изјави Мицкоски.

Како Влада, посочи премиерот, остануваме целосно посветени на реформската агенда и на подобрување на условите на водење на бизнис кај нас.

-Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада, бидејќи ќе има поголеми приходи во Буџетот. А со приходите од Буџетот ќе има поголема реализација на капитални инвестиции, а од друга страна ќе има и повисоки плати за повисок стандард на нашите граѓани, порача премиерот.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Претседателот на Советот на  странски инвеститори Виктор Мизо прецизираше дека со економскиот тим на Владата разговарале за работните односи, образованието, царинските и даночните теми како многу важи за странските компании кои работат тука, за инфраструктурата, како и за зголемување на конкурентноста на компаниите кои функционираат тука веќе подолго време.

-Имавме присутни околу 40 компании каде што со сите институции од Владата директно ги кажавме нашите барања, потребите, дури и законските потенцијални измени кои треба да се случат во следниот период. И она што е важно е дека имавме плодна, детална дискусија и очекуваме во следниот период преку работни групи со различните министерства и институции подлабински да навлеземе во сето она што треба да се адаптира, да се промени, да се подобри, за да креираме конкурентна, плодна почва за работа, за можност за дополнителни инвестиции од наша страна, но истовремено и за конкурентност при процесот на потенцијални привлекувања на нови компании, изјави Мизо.

Како компании, дополни Мизо, работиме на подобрување на нашите резултати и успеси тука и знаеме дека како компании кои работат успешно тука можеме да бидеме и амбасадори при процесот на привлекување на нови компании.

- Реклама -