Владата го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството

Во насока на интензивирање на активностите за успешна дигитална трансформација на општеството, како предуслов за напредок и во борбата против корупцијата и јакнењето на транспарентноста и доброто управување, Владата на денешната седница го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството.

Овој документ, како што информираат од владината Прес-служба, минатиот месец беше усвоен од Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој раководи вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

– Концептот е кровен документ кој ги дефинира основните принципи кои треба да ја водат дигиталната трансформација на сите области на општеството, која ќе се постигне со соработка помеѓу Владата, јавните институции, приватните компании, граѓанскиот сектор и академската заедница, се наведува во соопштението.

Основните принципи на овој Концепт се владеење на правото, социјална кохезија и јавно приватно партнерство, слободен пристап до јавните информации, веродостојни извори на податоци и стандардизација на употребата на дигиталните записи и потписи.

Во соопштението се посочува дека, Концептот за дигитална трансформација на општеството цели кон темелни промени во начинот на функционирање на институциите и подобрување на нивната ефикасност како сервис на граѓаните.

Покрај подобрувањето на слободниот пристап до јавните информации, една од клучните измени кои ги носи овој Концепт, како што информираат од Владата, е давањето предност на дигиталната верзија на записите и електронските потписи. Податоците што се еднаш внесени во јавен регистар, нема повторно да се бараат од физичките и правните лица, а дигиталниот потпис создаден со лична карта е еквивалентен со своерачен потпис.

Прочитајте и:  Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата е зголемена за 5%, продолжува растот на платите до минимум 46%

Имплементацијата на Концептот ја обврзува Владата да воведе електронска лична карта и да спроведе мерки за поддршка за поврзување на сите домаќинства на широкопојасни услуги во следните пет години.

– За да се постигнат целите поставени со Концептот, ќе се формира Агенција за дигитализација, која ќе биде надлежна за управување со околината за безбедна размена на податоци, поставување стандарди за ИКТ и кибер безбедност за сите засегнати страни, давање насоки за управување со промените при дигитална трансформација на администрацијата и подигнување на јавната свест за оваа проблематика, се додава во соопштението.

Содржината на Концептот за дигитална трансформација на општеството е резултат од проектот за унапредување на дигитализацијата во земјава, со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој.

МИА

- Реклама -