Скопје, 14 декември 2021 (МИА) – Владата донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
„На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо. Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини“, напиша Бектеши на својот фејсбук профил.
Според министерот, оваа одлука е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението.
„Оваа одлука е со цел да се спречи натамошно пореметувањата на пазарот и отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи“, се вели во Одлуката и се додава дека се исклучени цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година.
Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2.8, 3.2 и 3.5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо.
Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.