На денешната 13-та седница, Владата на РСМ ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести, односно донесе одлука:
• да се ограничи работното време на сите угостителски објекти – до 23 часот, освен на оние што вршат испорака, и
• да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило
• да препорача целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да ја организираат работата да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите
По барање на Комисијата за заразни болести, Владата ја прифати и препораката да се одложи атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината.
Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобри и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со КОВИД-19.
Владата денеска го утврди и новиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе го достави до пратениците на усвојување. Овие дополнувања се со цел да обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19 за 2021 година, кои се дел од Пакетот 4 на Владата на Северна Македонија.