Премиерот Зоран Заев се врати од одмор и денеска присуствува на редовната 149-та владина седница на Владата на Република Северна Македонија. Како што соопштија од Владата, една од првите одлуки на седницата била формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата.
Тимот ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт, соопштуваат од Владата. Имено, со тимот ќе раководи вицепремиерот и министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски. Дел од тимот ќе бидат и министерката за правда – Рената Дескоска, заменик-министерот за внатрешни работи – Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност – Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција – Арафат Муареми, директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија – Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП – Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање – Блажо Трендафилов, досегашниот заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање – Ариф Асани, и директорот на Агенцијата за национална безбедност – Виктор Димовски.
„Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба. Владата на Република Северна Македонија бескомпромисно ќе работи со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски“, велат од Владата.