Во пресрет на големиот државен празник – Илинден, кога во државата се прославува Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ со што се конституира македонската држава, Владата донесе одлука за формирање две нови национални установи од областа на културата, што ги афирмираат личностите и настаните поврзани со илинденскиот период и со македонската државност, информираа попладнево од Министерството за култура.
– Традиционалните активности со што се слави слободата, победата, борбата и жедта на македонскиот народ и сите други народи кои живеат во земјава за слободна, независна и демократска држава, „Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе функционираат преку целата година како национални установи, се наведува во соопштението.
Иницијативата за основање на установата „Десет дена Крушевска Република“, како што пишува во соопштението, е со цел поттикнување на творештвото на современиците, инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија. Националната установа Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ – Крушево, ќе биде сместена во објектот на Националната установа Историски музеј – Крушево, што е во сопственост на Република Северна Македонија.
– Иницијативите се поднесени од Министерството за култура, каде што е предвидено Национална установа, манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, Демир Хисар, да ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. А, ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Република Северна Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев, се појаснува во соопштението.
Новите национални установи, според досегашното нивно постоење и програмски содржини, како што се додава, продолжуваат да дејствуваат во духот на афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.
– Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во село Смилево, Демир Хисар. Овој Конгрес, според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание. Со тоа, Смилевскиот конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А, спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност, подвлекуваат од Министерството за култура.
МИА