Владата е подготвена да разговара со наставниците за зголемување на платите со следниот буџет, изјави Мицкоски

Сите заслужуваат повисоки плати, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на наставниците за повисоки плати од 12% и најавата за евентуални протести. Мицкоски е дециден дека секој кој работисогласно Закон и Устав и се труди заслужува повисока плата.

– Како Влада во рамките на овие два месеца направивме ребаланс на буџетот, со којшто обезбедивме средства за законските усогласувања и тука исто така не треба никој да има дилема. Во зависност од динамиката на консилидирање на буџетот, при формирањето на буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, со сите синдикални единици, организации и да разговараме, вели Мицкоски.

Тој истакна дека за само два месеца успеале да ги консолидираат институциите, министерствата и буџетот кои биле во распаѓање.

– Ќе ве потсетам, пред неколку дена, но и во текот на изминатите недели објавивме податоци за тоа дека УЈП имаше 40-ина проценти повисока наплата во јули месец споредено со јули минатата година. Очекувам директорката многу скоро да излезе со една информација до јавноста која што ќе биде многу интересна за кадровската политика, начинот на систематизирање на работните места кои биле наградувани, кои не биле наградувани, но тоа ќе го даде директорката во јавноста како информација и ве молам внимателно и будно да ја следиме, но и покрај тие предизвици за 40 проценти имаме повисока наплата, Царината за 20 проценти во јули месец. Наплатата на патарините е за 66 милиони денари повисока овој јули од јули 2023 година, ако сега имаме 288 во јули, сме имале 222 милиони пред една година, значи 30 проценти. Ако состојбата во компанијата била 10 пати поголеми побарувања од средствата на сметката, сега во принцип е консолидирана состојбата и побарувањата со средствата на жиро сметка се исти во рамките на компанијата, изјави Мицкоски.

Посочи дека е прв меѓу еднаквите во делот на образованието, бидејќи и тој е образовен и научен работник.

– Јас сум образовен работник, и јас сум научен работник, и јас предавам на Универзитетот и апсолутно сочувствувам, мојата сопруга е професорка во средно училиште. Но, мораме да разбереме дека не смееме да дозволиме во синдикалните организирања политизација, не смееме да дозволиме политички памфлети, затоа што секоја изјава на дел од раководствата во синдикалните организации е координирана со денешната опозиција. Ќе повторам, за помалку од два месеци го консолидиравме буџетот, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Премиерот додаде дека е подготвен да седне да разговара со синдикалните претставници.

– Со ребалансот се предвидени сите покачувања и усогласувања коишто претходно беа усогласени со синдикалните организации, а со буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, да разговараме без политизација и да најдеме решенија. Јас сум прв којшто ќе поддржи нешто за кое што има основа, нешто за кое што навистина е потребно да се поддржи. Ве молам за трпение, заедно ќе седнеме и ќе најдеме решение, изјави Мицкоски.

Што се однесува за ставот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека тој ја политизира состојбата во Синдикатот, Мицкоски му возврати дека „СДСМ тоа што го кажува во јавноста е само продолжување на оние стари политики, како што беа  модуларните болници, злоупотребите во здравство, криминали, тендери, јавни партнерства по трипати поголеми цени од тоа кое што нормално треба да биде“.

– Јас разбирам дека тие се сега уплашени за тоа што следи во периодот којшто е пред нас и ако објективно ги гледаме пораките коишто во јавноста се присутни ќе видите како веднаш после неколку часа, после претседателот на Синдикатот реагира претседателот на СДСМ и тоа дава една доза на сомнеж. Јас не велам дека тие се координирани, но чудно е како утринските соопштенија од СДСМ кореспондираат со ставовите на претседателот на Синдикалната организација, која што патем речено имаше можност кога беше СДСМ движечка партија во Владата да потпише колективен договор, па потоа видовме како на отворена сцена беше изигран, рече Мицкоски.

Тој заклучи дека поголеми плати се потребни, но поголеми плати  ќе има тогаш кога за тоа ќе има основа.

-Ние како Влада одговорно ќе се однесуваме кон буџетот и народните пари, нема да трошиме за стари политики, нема да трошиме за модуларни болници, нема да трошиме за јавни партнерства за стерилизации за трипати повисоки цени итн. Во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена за сето ова што го зборувам во детали, туку ќе се грижиме затоа што ова е нашиот дом, а домот и семејството се сакаат и се штитат и ние тоа ќе го правиме во периодот што следи, изјави Мицкоски.

- Реклама -