Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски да бидат разршени, а на нивно место да бидат именувани Илир Мехмеди и Милан Кораќ. Ваква насока дала Владата на денешната седница до Надзорниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје, информираа за МИА од Владата.
-Владата на денешната седница даде насока на Надзорниот одбор Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје за извршен Директор во СВН да го именува Илир Мехмеди, а за извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ, стои во изјавата од Владата.
Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по минатонеделниот упад во оваа институција и напад на вработени.
Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека од одлуката на Владата ќе зависи дали утре ќе стапат во штрајк со целосно затворање на воздушниот сообраќај, откако претходно натамошното работење го услови со оставки од директорите во М-НАВ или нивно разрешување.