Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи официјалната владина делегација во Брисел која утре во Советот на Европска Унија ќе учествува на првата меѓувладина конференција.
Како што соопштија од владината прес-служба, оваа меѓувладина конференција „е од историско значење за Северна Македонија бидејќи со неа се означува отпочнувањето на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ“.
Според агендата, за утрешниот ден е предвидено премиерот Ковачевски, заедно со премиерот на Албанија Еди Рама, да имаат средба со претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен.
Во рамките на историската посета на Брисел, за утре е најавено и започнувањето на скринингот за земјава, како и работен ручек на премиерот Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики – Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации.
Како дел од официјалната владина делегација, во Брисел патуваат првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата.