Ако не се донесат уставни измени, влегуваме во изолација и во група на држави без долгорочна перспектива, велат владини извори за МИА.
Варијантата А, според нив, е завршување на уставните измени и продолжување на евроинтеграцискиот пат со отворање на првото Поглавје. Варијантата Б, велат, е да не се завршат уставните измени и да прекинат преговорите со ЕУ, а ние да ја пропуштиме шансата, со оглед на новата геополитичка состојба со Украина. Притоа, потенцираат, Албанија ќе ги продолжи преговорите, а ние ќе влеземе во „декада на изолација“.
Во однос на тековниот скрининг процес за усогласување на ЕУ-законодавството, владините извори информираат дека се завршени објаснувачките скринизи за четири кластери, процесот е на половина, а останува уште да ги слушнеме во објаснувачкиот дел новините во законодавството на ЕУ во два кластери – Кластер 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија, и Надворешни односи. Очекувањата на Владата се тоа да се заврши до есен.
Од друга страна, билатералниот скрининг, а тоа е делот каде што ние презентираме, е целосно завршен за кластерите 1 и 2 – Фундаментални предности и Внатрешен пазар, додаваат од Владата. Остануваат уште четири поглавја за да се комплетира Кластерот 3, а тоа ќе се заврши до првата недела на месец јуни, а потоа се продолжува со кластерите 4, 5 и 6 – Зелена агенда, Земјоделие и Надворешна политика.
„Веќе влеговме во интензивна комуникација околу подготовката на патоказите, трите патокази што ни се од клучно значење; тоа е за реформи во јавна администрација, водење на правото и функционирање на демократски институции. Тие патокази се всушност услов за отворање на првиот Кластер, нивното завршување. Работиме на воспоставување на институционалната рамка за подготовка на патоказите, но исто така и на начинот на консултација со граѓанските организации и со странски експерти; на пример, за владеење на право поканивме експерт од Холандија, за другите исто така има од различни држави. Меѓутоа, особено полагаме внимание на ова бидејќи и овие патокази треба да ни го дадат патот за реформите и потезите во наредните 6 до 7 години, значи до членството“, велат владините извори.
Тие се категорични дека се неточни шпекулациите дека Преговарачката рамка сѐ уште не е усвоена, односно дека допрва треба да се усвојува и разговара, а не е точно, велат, ниту дека може да се репреговара.
„Преговарачката рамка беше усвоена во јули минатата година на првата меѓувладина конференција, каде што е констатирано тоа во заклучоците, а дека ќе биде објавена на втората меѓувладина конференција по завршувањето на сите обврски предвидени во заклучоците и Преговарачката рамка, а тоа значи уставните измени.
Така што, таа е донесена, не може да се преговара, нема повторно да се разгледува, туку само ќе биде објавена тогаш после втората меѓувладина конференција“, велат од Владата.
Во однос на механизмите и новата методологија, од Владата потенцираат дека таа вклучува механизми на казнување во случај на назадување, но и механизми на награда при добар прогрес.
„Механизми за казнување беше враќање на процесот од почеток ако одите назад. Механизми за наградување беше доколку одите добро со реформите станувате дел од политиките на ЕУ и пред членство. Сметаме дека е тоа добар начин да можеме полека, како што е на пример визната либерализација е еден пример како да сме дел од ЕУ. Движењето ни е слободно како на земји-членки, така и на нашето. Идејата е тука да можеме да имаме пристап и до фондови, меѓутоа сметаме дека не треба да се фокусираме само на ова. Ова не е алтернативен пат. Патот е тој до членството, меѓутоа да не биде празен до членството, па потоа да се добиваат бенефитите, туку да може бенефити да има и по патот до членство и мислиме дека граѓаните ќе ги почувствуваат тие бенефити по патот, а тоа е многу важно, бидејќи очигледно фокусирајќи се само на крајната цел се создаваат фрустрации по патот и тоа се гледа кај расположението на граѓаните по однос на ЕУ кое што за жал опаѓа. Мислам дека средствата и политиките ќе бидат многу важни и бенефитите ќе ги чувствуваат во секој дом секој граѓанин“, велат изворите од „Илинденска“.
Извор/ФОТО: МИА