Вкупно осум училишта добиле закани за бомби, неколку веќе се потврдени како лажни

Во дел од училиштата во Скопје, кои денеска добија дојави за поставени бомби, проверката е завршена и е утврдено дека станува збор за лажни дојави, а во дел од нив проверките сѐ уште траат, информираат од Министерството за внатрешни работи за МИА.

Пет училишта денеска околу 12 часот пријавиле до СВР-Скопје дека на меил адреси добиле закани за поставени бомби. Станува збор за гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Полицијата испрати тимови, а учениците и вработените беа евакуирани од објектите, каде се вршат проверки.

Подоцна, како што информираа од МВР, дополнително е пријавено дека иста закана пристигнала преку електронска пошта до уште три училишта во Скопје и дека и таму се преземаат мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.

„Веднаш се упатени тимови за антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во дел од училиштата веќе е завршена проверката и утврдено е дека станува збор за лажна пријава, а во дел од училиштата проверките сѐ уште во тек“, додаваат од МВР.

МИА

- Реклама -