На територијата на нашата држава, до 20:30 часот, се регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор. Од нив, еден е активен, три се под контрола, а девет се веќе изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активниот пожар во моментов се наоѓа во близина на село Добродол, во Општина Врапчиште, каде што гори ниска вегетација.
Пожарите кои се под контрола се на следниве локации: во Општина Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје Јасен (мешана шума), во Општина Гевгелија на планината Кожуф (приземен пожар), како и во Општина Долнени, во селата Долгаец и Стровија (мешана шума).
Изгаснати се пожарите во следните општини: во Куманово, на ул. Доне Божинов (ѓубриште); во Долнени, во село Алинци (депонија); во Прилеп, во село Лагово (ниска вегетација); во Струга, во село Делогожда (стрниште); во Врапчиште, во село Врапчиште (ниска вегетација); во Брвеница, во село Радиовце (ниска вегетација и мешана шумска подлога); во Гази Баба, зад КПД Идризово (ниска вегетација); во Охрид, во село Мешеишта (сува трева и стрниште) и во Тетово, во село Голема Речица (ниска вегетација и шума).




