Витановски: Палевски даде исказ во Обвинителството, негира поврзаност со кривичното дело

Љупчо Палевски – Палчо денеска на распит во Обвинителството негирал каква било поврзаност со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и во своја одбрана посочил докази кои дополнително ќе бидат доставени, информираше вечерва адвокатот Марјан Витановски по повеќечасовниот распит на Палевски.

Како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел дека се работи за претходни непријателства, па дури и како што рече Витановски, некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта.

– Обвинениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид. Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причиите поради кои е посочен како обвинител во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта, изјави Витановски по неколкучасовниот распит на Палевски во Обвинителството.

Како одбрана, појасни адвокатот Витановски, имаме докази да го потврдиме она што го кажа денеска. – За сите  наводи, со какви докази располага Обвинителството, сметам дека сигурно има признание на останатите обвинети бидејќи за нив веќе има покренато обвинение. Меѓутоа, засега се работи за вербални докази, дали дека некој од останатите обвинетите или само поединци го посочуваат него како сторител на кривичното дело односно дека ги има убиено малолетната Ваља и пензионерот Панче, дополни Витановски.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Палевски минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, а во отсуство му беше одреден 30-дневен притвор. Тој на 15 мај беше екстрадиран од Турција и спроведен во Истражниот затвор Шутка, а на 21 мај беше изведен пред судија на претходна постапка.

Основното јавно обвинителство Скопје на 31 мај до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Јавниот обвинител до Кривичниот суд достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

Тројца од обвинетите се гонат за едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик, едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик и едно кривично дело  – Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик. Ѓорчевска и Жежовски кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

- Реклама -