Вистинското значење на зборот „ идиот “

Денешното значење на „идиот“ добро го знаме – нé опкружуваат и ги има насекаде околу нас (некогаш сме и баш ние). Идиотот е некој што е глупав, необразован, наивен и будалест.

Зборот, пак, има грчки корени и доаѓа од „идиос“ (ΙΔΙΟΣ), што значи „сам“, некој што се грижи само за себе и не го интересираат другите, или по нашки – саможивник.

Во древна Атина било нормално и пожелно човек да се занимава со политика (по стоти пат пишуваме, политика е наука за добар живот) – не професионално, туку да се интересира, да учествува во општествено-политичкиот живот. Мнозинството Атињани биле такви.

Тие пак што биле апатични и аполитични, т.е. не ги интересирале заедничките проблеми и тоа што се случувало во општеството  – а ги имало малку – биле сметани за себични. На нив се гледало со презир и биле исмејувани. Таквите, кои не придонесувале, ги викале „идиотес“ (ΙΔΙΩΤΕΣ). Ако не демонстрираш општествена одговорност и политичка свест, ќе бидеш сметан за неедуциран и глупав.

Зборот се пренел и во латинскиот јазик – „idiota“, и ги опишувал необразованите, глупавите, неискусните, обичните луѓе.

Со сé ова погоре, лесно е да се идентификува од каде го добиваме денешното значење, макар што денес се други времиња и глупо е да се споредуваат со древна Грција.

- Реклама -