И самиот извршен директор на Apple веќе објасни зошто е опасно да биде направен backdoor софтвер кој може да падне во погрешни раце и да предизвика проблеми со безбедноста на личните податоци на глобално ниво, кај сите корисници на iPhone. Без разлика на вашите лични погледи околу цивилните права и слободи, евентуалниот универзален backdoor, кој хакерите би го создале, е страшна замисла. Безбедносните ризици се огромни.
Но ете, Apple одби да помогне во тоа, што најверојатно ќе му донесе тужба и ќе мора да ја решава на непријатни разговори со владата, зад затворени врати. А Apple можеше да се потчини на барањето на FBI. Лошите последици немаше да бидат големи по самата компанија. Сепак, Apple е мас-маркет компанија, а корисниците воглавно си тераат „како је лепо бити глуп“-однос кон приватноста и масовното следење. Можеше да го направи тоа, и можеше да рече дека немале избор. Тешко дека некој ќе се налутеше.
Ама Apple постапи сосема спротивно. Со оглед на тоа дека добар дел од луѓето во медијата се противници на идејата за масовно следење, барем декларативно, Apple веројатно ќе ќари малку пи-ар од целата оваа јавна осуда на барањето на FBI. Доволна причина за таквата постапка, нели? Не. Благонаклонетоста на јавното мислење е само трошка во споредба со енергијата што сега компанијата ќе треба да ја вложи во справувањето со федералците. Дека борбата не е наивна покажуваат еден куп примери на компании што соработуваа со владините барања за следење, дури и надвор од она што легално се бараше од нив. Едноставно, многу е тешко да и речеш „Не“ на владата.
Тогаш зошто вакво однесување? Пред сé, заради директната пропаст што го очекува Apple ако создадениот софтвер што го бара FBI се докачи до нечии погрешни раце. Друга причина, се чини, е заради посебната култура што компанијата ја има изградено. И Apple, и Тим Кук, и неговите постари менаџери, работат во атмосфера наследена од Стив Џобс, атмосфера која ги брани граѓанските слободи, меѓу кои и технолошката, која во денешно време е важна вредност за негување. Основачот – Џобс, изгради култура на работење во која приоритети беа вредностите, пред компанискиот профит – пред сé вредности околу дизајнот, отколку пред легални или политички, но сепак – вредности.
***
Штосот е во моќта на културата – како сет правила на однесување, било да е национална, интернационална или корпоративна. Приказните што си ги кажуваме и ритуалите кои ги практикуваме ги оформуваат нашите животи и влијаат на нашите одлуки. Често се смета дека зачувувањето на граѓанските слободи е производ на едноставно донесување на правите закони. Да, тоа е многу важно, но и самата суштина на политиката произлегува од културата (што е особено евидентно во Македонија). Она што им дава важност на законите, она што ни овозможува да ги интерпретираме и менуваме, е културата т.е. општествениот и личен наратив на нашите животи и цели. Ако сакаме граѓански слободи и подем на цивилизацијата, неопходно е да посветиме внимание на културните вредности, не само на законите. А на Apple добро му оди.