Со десетици години наназад во Југославија се ширела приказната дека во логорот на Голи оток се кршел камен.
Денес, меѓутоа, се покажува дека тоа апсолутно не било така. Тие произведувале мебел, ковчези, дробен камен и плочки, а УДБА сето тоа “легално” го шверцувала во Италија. А каменот се кршел сè додека да се скршел и духот на сите тие луѓе…
Комунистичкиот режим во логорот во периодот на студеновоената блокада од Истокот и Западот се претворил во исплатлив економски проект којшто на Југославија ѝ донесувал значајни девизи.
Но, и генералот на УДБА Јово Капичиќ никогаш не бил шеф на Голи оток, како што се тврдело, туку во целиот тој период го посетил само три пати како помошник на Александар Ранковиќ.
Историчарот Мартин Превишиќ од Филозофскиот факултет во Загреб оваа есен ќе објави книга за повеќегодишните истражувања во Хрватскиот државен архив во Загреб и Архивот на Југославија во Белград.
А покрај стотината документи за Информбирото и Голи оток, како и досиејата на луѓето коишто биле затворени во логорот, Превишиќ собрал сведоштва од 40-тина затвореници, но и неколку високи претставници од УДБА. Јово Капичиќ, првоборецот од НОВ од Црна Гора, а потоа дипломат, говорел дека четири години после војната помеѓу комунистите не можело да се воспостави никаков компромис.
Слично нешто изјавил и во документарецот на Дарко Бавољак. Со резолуцијата од Информбирото од месец јуни, од 1948-та година, во Букурешт, Тито бил обвинет дека им се поклонува на империјалистичките сили.
“Го повикале народот на Југославија да го сруши режимот на Тито и слугувањето на империјализмот. И кога некој таков ќе дојде во селото и ќе започне да зборува за големата Русија и да бара да се оди по чекорите на Сталин… Што можевме да сториме ние? Па ние чекавме војна!”, објаснува Капичиќ.
Пристигнала и наредбата од секретарот за внатрешни работи Александар Ранковиќ.
“Тој ме повика: Јово, имаш една задача, земи неколку луѓе, еден геолог, и оди во Далмација. Има едно островче кое се нарекува Голи оток”, опишано е во филмот.
За периодот од 1984-та до 1956-та година Превишиќ открил дека низ Голи оток минале 13.000 затвореници коишто не се прилагодиле кон партиска лојалност.
Починале околу 300, најмногу како последица од епидемијата на тифус во 1951-та година. Заедно со логорите на островите Свети Гргур и Углјан, Билеќи, Столец и Рамски Р’т, понатаму во затворите во Пожаревац и Стара Градишка, Превишиќ дошол до бројка од 15.337 затвореници и 399 починати. Превишиќ нашол и практичен аргумент за потврда на тие бројки:
“Со оглед на фактот дека во бараките живееле по 250 лица, тоа значи дека на Голи оток во исто време живееле околу 4300 лица, како што било и во летото во 1951-та година, пресметува Превишиќ.
После 1956-та година, логорот бил претворен во обичен затвор. Следен мит којшто Превишиќ го соборил е дека таму затворениците единствено само кршеле камења.
Но, режимот не бил толку непрактичен и логорскиот систем бил осмислен како обилен бизнис. УДБА основала низа од работилници и индустриски погони, вели Превишиќ, во коишто затворениците произведувале мебел, табакери, муштикли и слични производи.
Затворениците коишто биле од доверба на Велебит сечеле стебла и со жичара ги пренесувале до крајбрежјето а потоа со бродови до пиланите на островот, каде дрвото се обработувало и на крајот се испраќало до Италија.
За производство на дробен камен, исто така за Италија, имале голема дробилка за камења. Во бродоградилиштето се поправале и помали бродови и се изработувале различни железни конструкции, а после 1953-та година започнало производството и на терацо плочки.
– Тие кршеле и камења, но само за да ги принудан на ревидирање на политичките ставови. Затворениците за целото време заработувале за државата, што не е ни чудно. Во времето на конфликтот помеѓу Тито и Сталин, Југославија била во изолација од Истокот, а едно време и од Западот. Немало девизи, и некој требало нив да ги заработи. Сите работи се одвивале преку претпријатието на Удба Мермер, коешто преку канцелариите во Ријека, кадешто постоел дури и салон на Удба, се организирал легален државен шверц на камен, дрво и мебел од Југославија кон Италија. Само од дрвото во едно полугодие биле заработени околу 700.000 денешни долари, потенцира Превишиќ којшто додава дека многу од затворениците се сеќаваат како на Голи оток во периодот на изолацијата доаѓале бројни италијански бродови кои биле натоварувани со дрво, дробен камен и друг материјал, а потоа сето тоа се пренесувало во Италија.
Што се однесува до личните сведоштва, Бавољак во филмот го прикажал Алфред Пал, еден од оние коишто имале “чест” на 9-ти јуни во 1949-та година во логорот да заврши помеѓу првите.
Пал опишал дека на островот ги пренеле во крајно нехумани услови, исто како што тоа се правело со црнците во периодот на робовладетелството.
– Ме исфрлија од бродот така што ме грабнаа за коса и за нога и ме префрлија надвор. А потоа малку ме тепаа, газеа, и на крајот ми кажаа да се соблечам и да бегам гол. Значи да трчаш гол, речиси син и зелен од сите тие удари, а потоа следело плукањето. Не ни знаев што допрва ме очекува. А имало 2.500 лица, подредени како змии. А потоа следеле и низа од сериозни удари, говорел Пал.
Ова значело дека кршењето на духот започнувало уште со самото тоа што ги осудувал нивниот режим, за којшто било сметано дека претставува идеал.
– После пресудата бев очаен. Во тие три ноќи без сон, без апетит, без бистра свест, почувствував како целиот свет да се срушил врз мене, забележано е во неговите записи.
А новинарот Милован Зец во Втората светска војна ги преживеал логорите на усташите Јасеновац и Стара Градишка. Слична душевна состојба од советскиот гулаг опишувале и тамошните комунисти.
Исто како и Евреите во нацистичките концетрациони логори кои дотогаш биле исклучително германски патриоти.
– Голи оток бил замислен такашто секој осуден сепак можел да се рехабилитира, но низ тортура, одрекување од своите ставови, дури и од својата личност. Таквото место во Југославија било табу сè до 80-те години, вели Превишиќ додавајќи:
– Кога во сите југословенски републики започна бранот од националистичко дивеење, па така и во Хрватска и Србија бројките започнале да се зголемуваат поради политичка манипулација. Тоа било резултат од молчењето во врска со темите за Голи оток во Титова Југославија, а кога земјата започна да се распаѓа, табуизираните теми и служеле како оружје на националистичката политика. Во 90-те од Србија бил лансиран податокот за 50.000 затвореници и 10.000 мртви на Голи оток, а бројот набрзо пораснал на 70.000.
Слично се правело и со бројот на жртвите во Јасеновац, а поради истите мотиви, но со друг политички предзнак, се зголемувал и бројот на жртвите на Блеибург.
Следен мит којшто овој историчар го соборил е гласината дека Анте Јосиповиќ, таткото на поранешниот хрватски претседател, бил шеф на Голи оток. Тој вели дека во текот на Информбирото од 1948-та до 1956-та година, Анте Јосиповиќ со сигурност не бил управник на логорот, како и тоа дека се сомнева и дека воопшто бил и после тоа.
– Кога удбашите, помеѓу кои бил и Јосип Манолиќ, расправале за затварањето на логорот на Голи оток во 1957-та година, заклучено било дека тој на државата ѝ донесува голема добивка. И токму поради тоа било одлучено логорот да биде претворен во затвор, и покрај тоа што неговото одржување било скапо, вели Превишиќ, додавајќи дека потоа, при падот на Ранковиќ, неговата замена Војин Лукиќ, се обиделе да го обвинат за малверзација со пари, нешто за што претходно се сметало дека претставува “легален шверц”.