Пет години по излегувањето на првиот iPhone, Apple мора да вложи сè што знае и умее во новиот iPhone 5, со оглед на тоа што Самсунг и останатата конкуренција веќе извадија телефони со поголеми дисплеи, побрзи опции за бежично поврзување на интернет итн.
Како за почеток, се очекува дека телефонот што ќе биде претставен денес, ќе поддржува 4G технологија и дека ќе има 4 инчен дисплеј (10,16 сантиметри), за разлика од сегашниот iPhone 4S, кој има 3,5 инчен дисплеј (8,89 сантиметри). Сепак, останува да се види дали сегашниот директор на Apple Тим Кук има некакво изненадување со кое ќе може да ја посрамоти конкуренцијата.
Apple се соочува со притисок од конкуренцијата уште од 2007 година, и иако никој не успеал да создаде телефон што ќе биде беспрекорен спој на хардвер и софтвер, оперативниот систем Андроид од Google стана најкористениот оперативен систем за мобилни уреди во светот, а лидер во продажбата стана корејскиот гигант Самсунг. Дополнителен притисок создаде и Nokia, со претставувањето на најновиот телефон со софтвер од Microsoft, кој е наменет да започне цела нова генерација уреди, иако речиси никој не верува во потенцијалот на тој софтвер. Оттаму, сосема е нормално што Apple е во дефанзивна позиција.
Американската компанија половина од својот профит му го должи токму на iPhone-от. Иако никој не очекува овој смартфон да донесе нешто револуционерно кога станува збор за хардверот, финансиските аналитичари предвидуваат дека ќе се продадат помеѓу 10 и 12 милиони примероци, само во септември. Лојалноста на потрошувачите кон оваа компанија во најголема мера се должи на фактот што тие оперираат во затворен систем, со повеќе мобилни уреди кои лесно се синхронизираат и услуги што не се достапни кај конкуренцијата или пак не може да се префрлат на уреди што не потекнуваат од кујната на Apple.
Голем дел од софтверските промени кај iPhone 5 може да се предвидат со излегувањето на iOS 6 во јуни. Новиот iPhone ќе има подобрено пребарување со Сири, сопствен систем за мапи, наместо досегашните Google Maps, гласовна навигација, како и вградена апликација наречена Passbook, со која ќе се организираат електронските билети за авиони, кина, театри, како и лојалти картичките од рестораните. Сепак, најголемото внимание на настанот што треба да започне наскоро ќе биде свртено кон хардверот, големината и квалитетот на дисплејот, резолуцијата, итн. Дополнително, Apple ќе треба да ја објасни својата одлука за менување на конекторите со 30 пинови, за нови, со 19.
Што мислите вие, како ќе изгледа новиот iPhone и што сè ќе најави Apple? [High expectations ahead of today’s Apple’s iPhone 5 event]