Вината за загадената вода во Струмица е кај општината која не инвестирала ништо во системот – вели министерот Трипуновски

„Тоа што некој требало навремено да инвестира во системите за да може да се донесе водата до фаза на пивка вода е обврска на локалната самоуправа, а секое доведување на здравјето на граѓаните во прашање носи сериозна кривична одговорност“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, додавајќи дека нивните анализи покажале оти водата во Струмичко неколку месеци била бактериолошки загадена

Трипуновски ги отфрли тврдењата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кој вели дека еден од проблемите е тоа што во браната Турија е акумулирана само една четвртина од максималниот капацитет на вода, поради што во цевките влегува вода со кал која тие не можат да ја преработат

Статистиката со која располагаме вели дека и во минатото имало случаи акумулацијата да има исто ниво на вода како што има денеска, но тогаш немало манган или бактерии во водата која била дистрибуирана и затоа изговорот дека акумулацијата е проблем паѓа во вода – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, по изјавите на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, дека влезната вода во филтер-станицата, поради ниското ниво на браната Турија, доаѓа во форма на кал, со високо ниво на манган, која тие не можат да ја преработат во пивка вода.

„Согласно закон, обврската за пивка вода ја има Општината, а акумулацијата и нивото на водата во акумулацијата не е причина за денеска да имаме изговор дека тоа е поради тоа што немало дождови или оти е сушна годината. Законска обврска на општината е да обезбеди чиста и пивка вода. Ја гледаме безидејноста на градоначалникот и со денешната прес-конференција сакаме да ги спасиме струмичани од голготата која ја поминуваат“,

рече Трипуновски.

Министерот го повика Јавното обвинителство да истражи зошто некој воопшто дозволил во Струмица да се дистрибуира вода која не била во фаза да биде пивка, а кажа оти нивните анализи покажале дека водата не била исправна и во изминатите месеци.

„Начинот како функционирала фабриката во минатото е надлежност на градоначалникот преку јавното претпријатие кое е основано од страна на Општината. Тоа што некој требало навремено да инвестира во системите за да може да се донесе водата до фаза на пивка вода е обврска на локалната самоуправа“,

вели Трипуновски.

Од Владата велат дека сакаат да понудат помош за да им се помогне на граѓаните, а вчера бил одржан и координативен состанок на планските региони во земјава кои треба да помогнат со цистерни пивка вода додека не се реши проблемот.

„Стоиме на располагање ако треба да се инвестира во одредени системи за подобрување на квалитетот на водата во самата фабрика во Струмица оти гледаме дека изминатите години некој го има преспиено мандатот и воопшто не инвестирал во опремата која таму постои, а согласно кажувањата таа е многу стара“,

рече Трипуновски.

„360 степени“ претходно објави репортажа од Струмица за проблемот со водоснабдувањето, која може да ја погледнете на линкот подолу.

Градоначалникот Костадин Костадинов во изјава за „360 степени“ рече дека би поднел оставка ако ВМРО-ДПМНЕ има решение.

„Ако обезбеди мојата оставка чиста вода, веднаш би ја поднел. Верувам дека нема градоначалник којшто сака да ги тероризира граѓаните. Тоа е обид за саботажа кон мене. Велат вонредна седница, кој ќе дојде? Ќе дојде некој експерт или министерот за земјоделие, директорот на ‘Водостопанство’? Што ќе разговараме? Нема проблем со цевките“,

изјави Костадинов.

Тој порача дека се молат за дожд за да се зголеми нивото на браната Турија и со тоа да се реши проблемот со загадената вода.

- Реклама -