Желбата на милијардерот Илон Маск да алудира на филмот „Blade Runner 2049“ на неодамнешното претставување на робот-таксито на неговата компанија за електрични возила „Tesla“ доведе до правни компликации, објави во вторникот германската агенција dpa.
Продукциската куќа „Alcon Entertainment“ во понеделникот поднесе тужба во четири точки, од кои три за прекршување на авторските права и една за лажно претставување, против „Tesla“, Илон Маск и студиото „Warner Bros“, на чиј имот се одржа презентацијата.
Продолжението на „Истребувачот“ од 2017 година прикажува дистописка иднина обележана со еколошка катастрофа и социјален колапс, со автономни возила со вештачка интелигенција. За време на презентацијата Маск го пофали филмот, но истакна дека тој не ја отсликува иднината што тој ја посакува.
Сликата прикажана на настанот покажува лице во долго палто кое се соочува со песочна бура и град под портокалово небо. Од „Alcon Entertainment“ тврдат дека сликата била дизајнирана да алудира на слични сцени од нивниот филм, за што тие не дале дозвола.
Според „Alcon Entertainment“, „Tesla“ побарала дозвола да ја користи сликата неколку часа пред настанот. Компанијата веќе одбила, но презентацијата на Маск сепак содржеше слична слика генерирана од алатки за вештачка интелигенција.
„Alcon Entertainment“ е носител на авторските права за филмот, додека „Warner Bros“ беше дистрибутер на „Blade Runner 2049“.
Во тужбата, Алкон тврди дека не сака да биде поврзан со Маск или со неговите компании, наведувајќи го неговото „високо политизирано, каприциозно и произволно однесување, кое понекогаш навлегува во говор на омраза“, со очигледна алузија на неговата поддршка на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД за две седмици, како и некои конзервативни ставови на милијардерот.
Тие сметаат дека ова неовластено поврзување е штетно за нивниот бизнис и затоа бараат паричен надоместок. Од „Tesla“ досега јавно не ја коментираа тужбата.
На презентацијата Маск претстави самоуправувачко електрично возило дизајнирано да превезува патници без возач. Во „Tesla“ имаат цел да започнат со производство во 2026 година, а автомобилот се очекува да чини помалку од 30.000 долари. Маск веќе осум години наназад ветува самоуправувачки автомобили.