Неколку компјутерски гикови конструирале нешто што секој сопственик на постар тип на iPhone би можел да го има – мал робот со мозок на паметен телефон и тело на гасеница со радио-команди.
Роботот наречен Ромо брзо ги освои симпатиите ширум светот. Од фабриката на компанијата “Ромотиве“, која има само 18 вработени, се произведуваат дури 12 илјади роботи неделно.
“Во Америка, кога некој е гик, тоа е спротивно од кул, но нашиот Ромо сега е кул во цел свет“, вели еден од основачите и директор на компанијата “Ромотиве“, Келер Ринаудо.
“Што да правите со својот стар iPhone или iPad. Кул одговор би бил: ќе го вградам во робот“, вели Ринаудо.
Ромо е првиот релативно евтин робот во светот – цената без телефонот чини 150 долари.
Кога ќе го купите се’ што треба да направите е од Интернет да ја симнете апликацијата и да го приклучите вашиот iPhone на телото на роботот. Ромо може да се контролира преку било кој компјутер во светот додека неговите создавачи развиваат апликација за контрола и преку телефон.
Од компанијата велат дека се изненадени од тоа колку сопствениците емоционално се врзуваат за Ромо, додавајќи дека тоа веројатно е така затоа што и самиот може да изразува чувства.
Сопствениците велат дека Ромо има уште “багови“, но дека, сепак, е забавен другар и домашно милениче и дека барем некогаш може да направи нешто корисно.