(Видео) Си-Ен-Ен од Техеран: „Црн дожд“ паѓа врз градот по нападите на нафтени депоа

Речиси десет милиони жители на Техеран утрово се разбудија под густи црни облаци, по израелските напади кои погодиле нафтени складишта во иранската престолнина. Според сведочењето на новинарот Фред Плајтген од Си-Ен-Ен, во градот паѓал дожд кој изгледал темен и загаден со нафта, по пожарите што избувнале на погодените објекти.

„Може да се види дека дождот, односно дождовницата, е всушност црна – изгледа како да е заситена со нафта. Тоа е она што утрово паѓа врз Техеран, своевиден дожд помешан со нафта, по нападите што се случија“, изјави Плајтген во своето телевизиско известување.

Израелската војска претходно соопшти дека погодила складишта за гориво во Техеран, кои, според нивните информации, дистрибуирале гориво до различни корисници, вклучувајќи и воени структури во Иран.

Прочитајте и:  Лидерот на Хезболах: Либан не смее да прави „бесплaтни уступоци“ кон Израел

„Станува збор за значаен напад кој претставува дополнителен чекор во продлабочувањето на штетата нанесена врз воената инфраструктура на иранскиот режим“, појаснија од Израелските одбранбени сили.

Овие напади на нафтената инфраструктура се дел од поголемата ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, кој во последните денови се прошири со напади и контранапади низ целиот регион на Блискиот Исток.