(ВИДЕО) Први предмети за конфискација на имот на газди за кои нема докази за кривично дело

Станува збор за механизам кој е на сила од средината на септември годинава, а кој предвидува конфискација на имот кога има разумно сомневање дека тој не е стекнат од законски извори, иако за сопственикот на имотот нема доволно докази за да се води кривична постапка 

Шефот на ОЈО Скопје е ентузијаст, директор на финансиската полиција забележува за кратките рокови, а од невладиниот сектор доаѓаат повици за повлекување на Законот за конфискација во граѓанска постапка

Лице кое е дел од правосудните органи во земјава извесно време било цел на истрага на обвинителството, поради сомнеж за перење на пари. На крај, не биле собрани доволно цврсти докази за да продолжи кривичниот прогон против него, но бил најден имот за кој постои сомнеж дека е стекнат незаконски.

Илустрација

Овој пример е вистински. За одбележување е затоа што е првиот случај што ќе ја помине процедурата според Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.

Два во „машина“, трет предмет во најава

Тоа значи дека лицето од примерот нема да се гони кривично. Но, обвинителството испратило известување до Управата за финансиска полиција со што е почната постапка која може да заврши со одземање на спорниот имот и без кривична осуда.

До овој момент има две такви постапки кои потекнуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Наскоро се очекува третата – од ОЈО Скопје.

Гаврил Бубевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.

„Во овој момент еден предмет е зрел, којшто би требало да оди по овој закон во Финансиска полиција заради испитување на целокупните средства на сторителот за којшто немаме доволно докази да влеземе во кривична постапка, а сметаме дека има извори на средства од незаконито потекло коишто ги надминуваат неговите законски извори во вредности коишто ги предвидува законот“,

вели основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.

Сумите и условите за поведување таква постапка се опишани во членот 9 од Законот за конфискација на имот во граѓанската постапка. Едноставно е. Прво, обвинителството треба…

Член 9 од Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка

  • Да има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори;
  • Постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи… кумулативна разлика што надминува 13 000 евра… пресметана годишно во временски период не подолг од 10 години пред стекнување на имотот.

Кратки рокови

Кога овие услови ќе бидат исполнети, обвинителството испраќа известување до Управата за финансиска полиција.

Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција

„Веќе постапуваме по нив. Се вршат првите проверки. Се собираат податоците од други институции. Вршиме анализа и постапуваме по овие две иницијативи, но сме во почетна фаза“,

изјави за „360 степени“ директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски.

Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка пропишува дека Финансиската полиција има најмногу 60 дена за обични и 90 дена за сложени предмети за да ја спроведе постапката за проверка и финансиска пресметка.

Иако имаат само два вакви предмета, од Финансиската полиција се со јасен став дека роковите може да бидат проблем.

Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција

„Од оваа дистанца, сметаме дека се кратки овие рокови и сметаме дека во иднина треба да претрпат измена. Но, како институција, ние сме спремни да одговориме на секој еден предизвик и да постапуваме по овие иницијативи. А во иднина, доколку има можност со некои нови законски измени, можеме да побараме од страна на Владата и од страна на парламентот овие рокови да се изменат“,

вели Ивановски.

Ако со проверката и пресметката се утврди дека се исполнети условите во членот 9, Финансиската полиција испраќа известување до обвинителството, кое пак го известува Државниот правобранител. Тоа е овластениот орган кој поднесува тужба пред надлежен суд. За конфискација на имот во граѓанска постапка потреба е правосилна судска пресуда.

Седиштето на Државното правобранителство на РСМ

До Државното правобранителство, се уште не е стигнато барање за граѓанска конфискација, поради што се воздржаа од коментар и мислење за законот.

„Со цел ефективна примена на Законот за конфискацисја на имот во граѓанска постапка, останува приоритет внимателно да се следи неговата примена во иднина и соодветно да се воспостави соработка на надлежните институции и да се прилагодат институционалните капацитети за негово спроведување“,

ни одговорија од Државното правобранителство.

Но, сите не се согласни дека Законот за конфискација на имот во граѓанската постапка е добро решение.

Законот да се повлече

Дарко Аврамовски од „Сите за правично судење“ е автор на антикорупциска проверка на законот, публикација која ја издаде Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“

Не требаше да биде донесен овој закон и искрено мислам дека треба да биде укинат и треба да се фокусираме на користењето на тие механизми што го имаме. Тоа е Законот за кривичната постапка и Законот за даночните постапки и контролата на имот согласно даночната легислатива“,

вели Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“.

Кога говори за механизми кои земјава веќе ги има, Аврамовски објаснува дека постојат четири вида конфискација:

Видови на конфискација

1. Конфискација во кривична постапка, кога кривичното дело е докажано и потеклото на имот е утврдено дека е од кривично дело;

2. Проширена конфискација, кога кривичното дело е докажано, но се запленува и имот кој потекнува пред сторувањето на делото;

3. Необјаснето богаство, кога се конфискува имот на лице кој е несразмерно повисок од пријавените легални приходи и

4. Граѓанска или in rem конфискација, која се поведува против определен имот, а лицата кои располагаат со имотот треба да го докажат законското потекло.

Според Аврамовски, Северна Македонија околу дваесет години го применува првиот вид. Петнаесетина години на сила е и вториот вид конфискација. Третиот вид е делумно усвоен како даночна постапка. Со усвојувањето на Законот за конфискација на имот во граѓанската постапка, земјава ги има четирите начини на конфискација.

Ретки се земјите што ги имаат усвоено сите четири вида, вели Аврамовски, и додава – таму каде што ги има, се случуваат во процес на еволуција, односно откако ќе се развие употребата на веќе постојните механизми за конфискација во постојните закони.

Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“

„Конкретно, Законот за кривичната постапка вели дека во случаите кога не е можно водење на кривична постапка поради правни или фактички пречки може да се поведе посебната постапка за конфискација на имот. Правните, пречки, секако се застареност на кривичното гонење, амнестија, помилување и слично, меѓутоа фактичките пречки се токму тоа – недостиг на докази кои го врзуваат лицето со кривична одговорност, меѓутоа го врзуваат имотот кој тоа лице располага со нелегални активности. Во таква ситуација е целосно оставено во дискреција на јавниот обвинител дали ќе покрене постапката согласно Законот за кривичната постапка или ќе ја покрене постапка согласно Законот за граѓанска постапка и фактички ќе го реферира предметот до јавното правобранителство“,

изјави за „360 степени“ Дарко Аврамовски од „Сите за правично судење“.

Криминалот да не се исплати

Шефот на скопското обвинителство мисли спротивно – нема простор за дискрециски одлуки. Основа за таквиот став му е различното толкување на Законот за кривична постапка, кој според него не може да се употреби за конфискација кога нема докази за сторено кривично дело, туку:

Гаврил Бубевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје

„Значи, не дај боже, сторителот починал. Недостапен е на органите на прогонот или имаме застареност на кривично гонење, евентуално амнестија. Во такви ситуации постапката за конфискација врз неговиот имот се одвива во кривична постапка затоа што се тоа правни пречки коишто не ни даваат можност да го осудиме човекотОваа постапка за конфискација, во граѓанска сфера е поинаква и таа се применува единствено кога нема доволно доказен материјал за да определно лице обвиниме дека сторило кривично-правни дејствија“,

вели обвинителот Гаврил Бубевски.

Па, различната перспективата за прашањето – дали законот за граѓанска конфискација е во колизија со други закони, води и до различни заклучоци за потенцијалот на новото законско решение.

Гаврил Бубевски и Дарко Аврамовски

„Значи, ова е само уште еден, дополнителна, посебна можност на органите на државата, за, повторно ќе кажам, да го направиме она што го бара од нас Европската Унија, кон што целиме, да го направат криминалот неисплатлив. Тоа ни е основа. Ние имаме досега луѓе што сме ги пратиле во затвор по неколку години, а не сме им го направиле криминалот неисплатлив. И од затвор се прават уште кривични дела со тоа што сме им го оставиле криминалот“,

вели Бубевски.

„И, тоа не носи практично до еден од најголемите ризици од ваквиот закон, а тоа е напуштање на кривичните постапки и кривичната одговорност на сметка на оваа граѓанска конфискација и само одземање на имотната корист…. Сторителите на такви дела имаат формална и неформална моќ. Дури и да го одземете нивниот имот, доколку тие останат на слобода, со сите контакти кои ги имаат, нема да постигнете некое долгорочно спречување на организираниот криминал“,

вели Аврамовски.

Кој е во право, ќе покажа праксата. А таа пред се е на плеќите на Управата за финансиска полиција.

Да се проба, пред да се поправа

Бидејќи не само обвинителството, туку известувања до нив имаат право да праќаат и ДКСК, даночните органи, Катастарот, Царинската управа, Царина, Ревизија, други органи и институции, па и секој граѓанин.

Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција

Одобрена е новата систематизација во која се предвидени две нови одделенија и еден сектор коишто конкретно ќе постапуваат по овие иницијативи. Во иднини, сега не знам колкав број на иницијативи би добивале, но доколку бројката биде преголема, со буџетот во 2025 година предвидени се вработувања во овие одделенија, ако е потребно и ќе го зголемиме тој број и ќе се трудиме колку што можеме да одговориме на сите иницијативи, да ги извршиме сите проверки, да ја направиме анализата и да ја спроведеме оваа постапка за конфискација“,

изјави Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција

Па, дали законот е добар или лош, ќе се знае кога неколку предмети ќе ја поминат целата постапка. Како оној, првиот, за имотот на лице од правосудните органи за кое не биле најдени докази за перење на пари, но бил најден имот кој го користи, а не соодветствува со неговите приходи.

Јас сметам дека овие постапки треба да финишираат, односно да имаат правосилни судски пресуди, па тогаш, врз основа на тоа што би се соочиле во идниот период и во текот на постапувањето, да изградиме стратегија за евентуални нови законски измени во делот на овој закон“,

вели Ивановски.

- Реклама -