Неделава беше избрана нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, но не со јавно гласање, како што налага Статутот на институцијата. Дел од експертската јавност го критикуваше таквиот начин на избор. Новата директорка, вишата јавна обвинителка Ирина Трајкоска-Стрезоски, пак, освен што ги исполнува условите, е и долгогодишна пријателка на заменик-министерката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците неодамна донесе заклучок со кој му предлага на парламентот да не го прифати годишниот извештај за работата на Судскиот совет. Дали тоа ќе биде искористено како основа за разрешување на членовите на Судскиот совет кои ги избира Собранието
Годината е 2018, месецот декември. Сцената е пред Владата, каде протестен собир држи ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу обвинувањата кои ги упатува тогашниот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски е дека власта го партизира судството со свои луѓе. За пример, ги користи тогашниот избор на Наташа Габер Дамјановска за директорка на Академијата за судии и јавни обвинители и изборот на Лорета Георгиева за членка на Судскиот совет.
„Наташа Габер Дамјановска. Сестра на Виктор Габер, долгогодишен дипломат од редовите на СДСМ, советник на Зоран Заев… Минатата недела цела македонска јавност знаеше дека Лорета Георгиева ќе биде избрана за нов член на Судскиот совет. А зошто? Затоа што таа е сопруга на човекот кој што е приватно близок со Зоран Заев“,
кажа Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 12 декември 2018 година.
Шест години подоцна, улогите се сменети. Христијан Мицкоски сега е во Владата. Сцената се телевизиските студија од каде му се обраќа на правосудството дека актуелната гарнитура брои „ситно“. Без огради, од позиција на премиер, тој најави дека доаѓа време на „наши луѓе“.
„Велиме, еве да не биде дека ние партизираме… но таа шанса нема да биде во недоглед. Таа шанса може да трае одредено време. Тоа време се ситни, се троши. И кога ќе видиме дека нема напредок, тогаш логично е да предложиме наши луѓе во коишто веруваме дека ќе го испорачаат тоа коешто очекуваме и ние и граѓаните да го испорачаат. А тоа е битка против криминалот и корупцијата“,
изјави Христијан Мицкоски како премиер, на 7 октомври 2024 година.
Дали тоа што го најави премиерот, веќе почна да се остварува?
(Не)законски процес за избор на директорка
Зад овие врати се случи најважниот овонеделен настан поврзан со правосудството во земјава. Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители бираше нов директор, откако претходниот, Наташа Габер – Дамјановска, летоска си поднесе оставка.
Во Статутот на организацијата, во член 9, став 1 се вели дека:
„Одлуките на седниците на Управниот одбор… се донесуваат по пат на јавно гласање.“
Но, за разлика од минатиот избор на директор во 2022 година, кога секој член на Управниот одбор јавно кажа за кого и зошто гласа, во понеделникот се случи нешто друго.
„Секој член од Управниот одбор можеше да заокружи повеќе од еден кандидат. Сумирањето на гласовите беше јавно, но не и кој за кого и зошто гласал“,
извести ТВ Телма на денот на изборот.
Ваквата одлука на Управниот одбор веќе ја критикуваше дел од експертската јавност. Но, и покрај се, еден кандидат доби доволно гласови – обвинителката од битолското Вишо јавно обвинителство, Ирина Трајкоска-Стрезоски. „360 степени“ побара мислење и од неа и од дел од другите кандидати за процесот на избор.
Судијата Ненад Савески, кој доби пет гласа, еден помалку од избраната Трајкоска-Стрезоски, кратко соопшти:
„Се уште не можам да изразам став дали ќе побарам судска заштита, се додека не добијам писмено известување од Управнот одбор на Академијата.“
Засега не добивме потврда, но можно е и други кандидати да го оспорат процесот од принципелни причини.
Новоизбраната директорка Ирена Трајкоска-Стрезоски смета дека нејзиниот избор е законски.
„Сметам дека при мојот избор Управниот одбор постапил во рамките на законските и подзаконските акти. Не можам да коментирам зошто членовите донеле одлука да не гласаат јавно. Членовите на Управен одбор се професионалци, судии и јавни обвинители, кои ја познаваат својата работа и работат согласно законите. Според она што сите го гледавме, едногласен став на сите членови беше да гласаат на таков начин“,
Прашана дали начинот на избор фрла дамка врз нејзиното име, Трајкоска- Стрезоски вели дека каков било товар е дополнителна обврска за неа преку работата да покаже дека Управниот одбор не погрешил при нејзиниот избор.
На прашањето, пак, како ќе постапи ако другите кандидати решат да бараат судска заштита, таа вели:
„Доколку некој од кандидатите реши да бара судска заштита не можам, ниту пак сакам, да го спречам. Секако, доколку се донесе каква било судска правосилна одлука, во врска со начинот на мојот избор, ќе ја почитувам“,
Невообичаената одлука на Управнот одбор да не гласа јавно и потенцијалот тоа да се прерасне во долга правна сага не е единствениот дискутабилен момент при изборот на Трајкоска-Стрезоски. Фотографии на фејсбук-профилот на заменик-министерката за животна средина сведочат дека функционерката на ВМРО-ДПМНЕ е долгогодишна пријателка со новата директорка на Академијата.
Трајкоска-Стрезоски отфрла каква било корелација меѓу пријателството со Ане Лашкоска и напредокот во кариерата.
„Политичката припадност врз основа на приватни фотографии во овој момент не треба да се утврдува. Ние сме другарки цел живот и пред таа да биде во политика, а ќе останеме и во иднина. Нема влијание од мојата другарка врз било кој да гласа за мене. На таа тема не сме ни разговарале“,
вели Ирина Трајкоска Стрезоски, нова директорка на АСЈО.
А на прашањето за коментар на изјавата на премиерот дека ќе донесе „наши луѓе“ во правосудството, таа вели:
„Извршната власт треба да се задржи во делокругот на своите надлежности и да биде внимателна при давање изјави кои може да се протолколкуваат како мешање во судската власт. Во таа смисла, не би се впуштила во коментирање на изјави на политичари. Јас доаѓам од правосудството и длабоко сум уверена дека самостојно и независно судство и јавно обвинителство многу повеќе ќе придонесе во напредокот на демократските процеси во нашава држава. Нашата правосудна власт има капацитети, но треба да работи самостојно и независно“,
Тргна „решавањето“ и на Судскиот совет
Случувањата во Академијата не се единствениот важен процес во правосудството кој деновиве добива на динамика. На почетокот на месецов, собраниската Комисија за политички систем разгледуваше навидум технички документ – годишниот извештај за работата на Судскиот совет.
Пратениците од мнозинството излегоа со аргументи дека Судскиот совет само бара пари, а нема резултати, дека е зголемен бројот на одложени судења, зголемена е неажурноста, дека се ниски казните за судиите против кои се воделе дисциплински постапки…
„Вие сте нивни претставник овдека и треба да им пренесете дека оставки треба да си дадат сите од прв до последен. И тоа ќе се случи затоа што оваа генерација на политичари и оваа политичка номенклатура којашто победи убедливо на избори има намера да донесе право и правда. Право и правда со оваков Судски совет ниту може, ниту ќе се донесе“,
кажа Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
За дел од обвинувањата за ефикасноста, претседателката на Судскиот совет се бранеше со фактот дека судството добива едвај третина од буџетот што им е загарантиран со закон. А без пари, нема луѓе и нема опрема.
За повикот за оставки, таа кажа дека одговорноста е секогаш индивидуална. Но, и дека во моментов нема начин да се разрешат членовите на Судскиот совет само затоа што некој така сака.
„Меѓутоа, за нешто такво, и за оној настан и за претходно што спомнавте, во тој дел, затоа треба да се имплементираат препораките, оние што остануваат за извршната и за законодавната власт од вкупно 40 дадени препораки од Европската унија, за да се обезбедат основни за евентуално разрешување на член на Судски совет, кое во овој момент го нема, а секако институционално, во рамки на институционални надлежност и другите инстит уции можат да иницираат постапки, но тоа не е случај во овој момент. претпоставки за евентуално разрешување на член на Судскиот совет“,
реплицираше Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет.
Сепак, пораките во продолженето на седницата беа јасни.
„Барате зголемување на парите, финансиски средства. Нема зголемување на парите за криминалните судии. Нема. Запамптете“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Очекувам дека ќе поднесете колективно оставки“,
кажа пратеничката Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
На крај, Комисијата одлучи да му препорача на пленумот да не го прифати годишниот извештај на Судскиот совет. Што значи тоа? Во член 100, став 8 пишува:
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во Советот“,
Дали, во недостаток на други правни механизми, неприфаќањето на извештајот ќе биде употребено за да се разрешат членовите на Судскиот совет кои ги избира Собранието? Ова прашање го упативме до пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Добивме неофицијален одговор дека сите опции се во игра и дека се ќе зависи како предложениот заклучок за неприфаќање на извештајот ќе помине на собраниска седница.
Сепак, ако власта се одлучи на тој начин да го ремонтира Судскиот совет, нема да бидат први на кои им текнала таква идеја. Опцијата ја разгледуваше претходната Влада.
„Само има една одредба каде што вика, може да се бара одговорност од страна на Собранието доколку годишниот извештај не им биде усвоен од страна на Собранието. Во тој период, двата годишни извештаи и за 2021 и за 2022 беа усвоени од страна на Собранието. Со тоа Собранието признало дека они функционираат одлично изминатиот период“,
изјави за „360 степени“ на 5 април 2024 година Викторија Аврамовска Мадиќ, членка на Надзорниот одбор на СДСМ и заменичка-министерка за правда.
Друга, еднакво контроверзна опција е, мнозинството да направи измени на Законот за судски совет и во него да вметне нови одредби за избор на членови на Судскиот совет, што потоа би се искористило во преодни и завршни одредби да се прекине мандатот на актуелните членови избрани од Собранието по претходниот закон. Можно е претставниците на судската власт да бидат и цел на интерпелации, односно да се направи обид самите да си поднесат оставки.
И, на крај, не може да се исклучат уставни измени со кои целосно ќе се рекомпонира, пред се, улогата и составот на Судскиот совет. Премиерот, во неколку наврати, ја промовориаше идејата сите членови во Судскиот совет да си ги бираат судиите, а не како сега – комбинација од малцинство членови избрани од Собранието и мнозинството членови избрани на непосредни избори од самите судиите.
Најголема енигма е како, потенцијално, би се сменил јавниот обвинител. Но, јасно е дека власта веќе испрати порака и до него.
„Некој кога ќе ми каже, ех партиски или пријатели… Па, нормално, со тие луѓе ти мораш да соработуваш. Со тие луѓе си соработувал. Со тие луѓе си создал доверба...
– Така нели повторно се партизира?
Нема. Логично е тоа. И тоа и во Америка е така. И во Шведска е така. Проблемот е во администрацијата да не дојде до партизирање. Во оние надолни ешалони. Инаку логично е оној прв, оној клучно опкружување ќе бидат твоите најблиски соработници со кои функционираш во рамките на партијата или коалицијата. И тука не гледам нешто што е нелогично“,
кажа премиерот Христијан Мицкоски во подкастот „Лазаров“.