Нови видеа до кои дојде медиумот Иран Интернешнал покажуваат дека синоќа протестите во Иран се прошириле на повеќе делови од главниот град Техеран, со сѐ поостри пораки против владејачките структури и отворени повици за промена на режимот. На плоштадот Херави во Техеран, се слушнеле повици „Да живее кралот“, додека на булеварот Кешаварз демонстрантите скандирале „Ова е година на крв, Сејед Али ќе биде соборен“, директно алудирајќи на врховниот верски лидер Али Хамнеи. Во поедини снимки од населбата Долат, граѓаните излегуваат на улиците и креваат глас за „Слобода“, што посочува на широка поддршка за протестното движење и надвор од централните делови на градот.
Во меѓувреме, поради влошената безбедносна состојба и немирите кои зафатија голем дел од земјата, Министерството за надворешни работи на Пакистан упати повик до своите државјани да ги избегнуваат сите непотребни патувања во Иран. Во соопштението објавено во сабота, се нагласува дека условите за безбедно патување се сериозно нарушени и дека препораката ќе важи дотогаш додека состојбата не се стабилизира. На пакистанските граѓани кои веќе се во Иран им се советува да бидат постојано внимателни, да го ограничат движењето само на неопходното и да одржуваат редовен контакт со дипломатските претставништва на Пакистан. Дополнителна загриженост предизвика и објавата на новинарот од BBC, Шајан Сардаризадех, кој сподели снимка од градот Фардис. На видеото се слушаат истрели за време на протестите, додека демонстрантите панично се повлекуваат, обидувајќи се да се засолнат и да ја сочуваат сопствената безбедност.




