Реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите помеѓу Баерн и ПСЖ (1:1) донесе контроверзна ситуација, кога домаќините не добија пенал на очигледно играње со рака од Жоао Невеш.
На прв поглед изгледаше како Баерн да беше оштетен, но судијата Жоао Пињеиро донесе правилна одлука, повикувајќи се на помалку познато правило. Инцидентот се случи во 31-вата минута, кога ПСЖ водеше со 1:0. За повеќе детали, можете да ја видите ситуацијата ТУКА.
По ударот на Јосип Станишиќ, голманот Сафонов несреќно ја одби топката, а Витиња, во обид да ја исфрли, ја удри во раката на соиграчот Жоао Невеш. Играчите на Баерн веднаш се обратија кон судијата, барајќи казна, но Пињеиро остана на својата одлука, без интервенција од ВАР.
Иако топката сигурно го погоди Невеш во раката, според правилата на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (IFAB), не се смета за прекршок ако топката ја погоди раката на играч по ненадејно одбивање од соиграч.
Исклучок важи само ако топката заврши во голот или ако играчот веднаш постигне гол, што во овој случај не се случи.
Затоа, одлуката на судијата, и покрај сите негодувања, беше оправдана. Сепак, оваа одлука предизвика многу реакции, а новинарот од „Скај спортс“, Сем Блиц, ја оцени како „несфатлива“, додека посочи дека слични ситуации во Лигата на шампионите обично се казнуваат со пенал.
Foto/ EPA




