Објавен е првиот тизер за новата серија „Спасители на плажа“, кој носи пораката „Иста плажа, нова крв“. Главната ѕвезда, Стивен Амел, го сподели трејлерот на својот Инстаграм профил, овозможувајќи им на обожавателите прв поглед на новата адаптација на култната серија. „Сонувам во забавена снимка“, напиша Амел покрај видеото.
Во краткиот тизер се појавуваат и неговите колешки Брукс Нејдер, Ливи Дан и Џесика Белкин, облечени во препознатливите црвени костими за капење. Актерската екипа дополнително ја сочинуваат Шеј Мичел, Хеси Харисон, Ноа Бек и Дејвид Чокачи, кој повторно ќе ја игра улогата на Коди Медисон.
Според синопсисот, приказната го следи Хоби Бјукенон, омилениот лик од оригиналната серија, кој сега е капетан на спасувачката служба и се обидува да ги следи стапките на својот татко Мич. Неговиот живот целосно се менува кога на сцена влегува Чарли, ќерката која не знаел дека постои.
Премиерата на новата „Спасители на плажа“ е закажана за јануари 2027 година. Оригиналната серија дебитираше во 1989 година и стана една од најгледаните во светот, емитувана во повеќе од 200 земји. Серијата ги прослави Дејвид Хаселхоф и Памела Андерсон.




