Меѓу вокалистите кои ќе се слушнат во новиот „ultimate mix“ на песната „Do They Know It’s Christmas?“ на Band Aid од 1984 година се оние на Хари Стајлс, Џорџ Мајкл, Шинејд О’Конор и Ед Ширан.
Песната ќе се најде на компилацијата со којашто ќе бидат одбележани 40 години од објавувањето на оригиналниот хуманитарен сингл, објавија организаторите Боб Гелдоф, Миџ Јур и Тревор Хорн, пишува BBC.
Оригиналниот сингл на добротворната супергрупа беше објавен во 1984 година за да се соберат пари за борба против гладот во Етиопија. Оттогаш, песната е повторно снимена трипати за да ги одбележи своите петти, 20-ти и 30-ти јубилеи, во кои учествуваат некои од најпопуларните уметници од секоја ера.
Во новата ремикс верзија на култната песна, продуцентот Хорн ги искористи оригиналните снимки, комбинирајќи ги вокалите на бројни пејачи од различни генерации во една целина.
Песната ќе се снима со бендот Band Aid составен од сер Пол Маккартни, Стинг, Џон Тејлор од Duran Duran, Фил Колинс, Роџер Тејлор од Queen, Дени Гофи од Supergrass, Том Јорк и Џони Гринвуд од Radiohead, Пол Велер, Дејмон Албарн, Миџ Ура, Гери Кемп и Џастин Хокинс.
Конечната верзија ги содржи вокалите на Стинг, Ед Ширан, Бој Џорџ, женското трио Sugababes, Сем Смит, Боно и Крис Мартин, како и претходни снимки на вокали на Џорџ Мајкл, кој почина во 2016 година, и Шинејд О’Конор, која почина во 2023 година
Новиот „ultimate mix“ ќе има премиера на радио станиците во Велика Британија утрото на 25-ти ноември, на 40-годишнината од снимањето на оригиналната песна. Потоа ќе биде достапен за стриминг и купување на дигитални платформи, а целата компилација ќе биде достапна на 29-ти ноември.
Новото видео на Оливер Мареј, кој го создаде спотот за синглот на The Beatles од 2023 година под наслов „Now And then“, ќе биде објавен заедно со песната и со архивска снимка од Дејвид Боуви во која ги претставува учесниците и музичките ѕвезди.
Проектот беше лансиран од Гелдоф и Јур во 1984 година и оригиналниот сингл продаде повеќе од два милиона примероци и собра околу 8 милиони фунти. Сите верзии на песната го достигнаа првото место на табелата за синглови во Велика Британија.
Концертот во 1985 година „Live Aid“, и вориот во 2005 година „Live 8“, резултираше со здружување бројни музички уметници и бендови кои продолжија да собираат пари за проектот. Во текот на изминатите 40 години, се верува дека „Band Aid Charitable Trust“ собра вкупно повеќе од 140 милиони фунти за долгорочни хуманитарни проекти.